ЕРДОГАН СО ПОРАКА ШТО ЌЕ ЈА РАЗБРАНУВА ЕВРОПА – ЕУ повеќе не ни е приоритет
Турскиот претседател порача дека Анкара не ја затвора вратата за членство, но по долгогодишниот застој во преговорите ЕУ повеќе не е на врвот на приоритетите на Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека членството на Турција во Европската Унија повеќе не е приоритет за Анкара, но нагласи дека тоа не значи затворање на вратата за идно членство.
„ЕУ не е наш приоритет“, изјави Ердоган во интервју за „Ал Џезира“.
Тој додава дека Европската Унија би можела да биде на загуба доколку продолжи да ја отфрла Турција.
Турција има статус на кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, додека пристапните преговори започнаа во 2005 година. Сепак, процесот со години е во застој, главно поради критиките за состојбата со демократијата, владеењето на правото и основните човекови права во земјата.
Односите меѓу Анкара и Брисел дополнително се оптоварени со критиките кон турската влада поради постапувањето кон опозицијата. Особено внимание предизвика случајот со Екрем Имамоглу, поранешен градоначалник на Истанбул и еден од најголемите политички ривали на Ердоган.
Судењето против Имамоглу треба да продолжи во понеделник во Окружниот суд Силиври во Истанбул. Тој е обвинет за корупција, перење пари и формирање криминална организација.
Турската опозиција тврди дека процесот е политички мотивиран и дека преку судството се прави обид Имамоглу да биде отстранет како политички конкурент на Ердоган. Владата, пак, ги отфрла обвинувањата дека врши влијание врз судството.

