ЈЕНСЕН ХУАНГ ШОКИРА Следните милионери нема да бидат програмери, туку мајстори

Додека светот инвестира милијарди во вештачка интелигенција, расте побарувачката за електричари, водоинсталатери и други квалификувани работници.

ЈЕНСЕН ХУАНГ ШОКИРА Следните милионери нема да бидат програмери, туку мајстори
Фото: Принтскрин

Додека светот е опседнат со вештачката интелигенција, сè повеќе технолошки лидери предупредуваат дека иднината нема да им припаѓа само на програмерите, туку и на луѓето со практични вештини. Кога компанија што е во самиот центар на револуцијата со вештачката интелигенција советува младите да размислат за занает, вреди да се обрне внимание. Извршниот директор на Нвидиа, Јенсен Хуанг, чија компанија денес вреди околу 4,6 билиони долари, смета дека следната генерација милионери може да бидат столарите, водоинсталатерите и електричарите.

Тој не е осамен во ваквите проценки. Американскиот претприемач во градежниот сектор Кен Раск вели дека, доколку денес повторно би бил млад, без двоумење би се запишал во техничко училиште.

„Да бев млад човек, ќе трчав до технички колеџ за да добијам диплома за електричар. Ќе заработувате шестцифрена плата, а нема да почнете со товар од студентски долгови“, порачува Раск.

Во западните земји сè повеќе млади и нивните родители се преиспитуваат дали вреди да се инвестираат десетици илјади долари во факултетско образование, особено кога голем дел од дипломите повеќе не гарантираат добро платена работа. Алтернативата е стручна обука, која овозможува побрзо влегување на пазарот на труд и стабилни приходи.

Во САД, искусните електричари веќе заработуваат повеќе од многу канцелариски работници. По пет години работа нивните годишни приходи најчесто се движат меѓу 85.000 и 110.000 долари.

Разликата е очигледна и преку едноставен пример. Еден 18-годишник избира двегодишна обука за електричар, дипломира без долгови и веќе на 22 години заработува околу 55.000 долари годишно. Неговиот врсник студира четири години, дипломира со просечен студентски долг од околу 35.000 долари и започнува канцелариска работа со плата од 65.000 долари. До 26-годишна возраст двајцата можат да имаат слични приходи, но едниот нема кредити, додека другиот сè уште отплаќа студентски заем.

Овој тренд го препознаваат и најголемите светски компании. Мета инвестираше 115 милиони долари во програми за обука на квалификувани занаетчии, БлекРок обезбеди 100 милиони долари, а Алфабет вложи 50 милиони долари за преквалификација и обука на околу 300.000 работници.

Иако милијарди долари се вложуваат во развојот на вештачката интелигенција, зад секој центар за податоци стојат бетон, челик, кабли и цевки и инфраструктура што не може да се изгради без квалификувани мајстори. Според проценките, токму поради тоа во наредните години ќе недостигаат околу 2,1 милиони обучени работници во техничките и занаетчиските професии.

CATEGORIES
Share This