ЕНРИКЕ БЕЗ КОЧНИЦА, НИКОЈ НЕ Е ПОДОБАР ОД НАС – Килијан Мбапе ќе го пропушти Ел Класико
Енрике го пофали Компани, но испрати и јасна порака, Мбапе надвор од терените во клучен период.
Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, со самодоверба го најави полуфиналниот судир во Лига на шампиони против Баерн Минхен, потенцирајќи дека во вакви мечеви нијансите ја прават разликата.
Францускиот шампион верува во своите шанси пред пресметката на „Паркот на принцовите“, особено по минатогодишниот европски успех. Енрике истакна дека титулата донела олеснување, но и дополнителен мотив за повторување на резултатот.
Според шпанскиот стратег, клучот за триумф ќе биде балансот меѓу нападот и одбраната. Против офанзивен тим како Баерн, нагласи тој, потребна е максимална реализација на шансите и висока дисциплина во дефанзивата.
ПСЖ во дуелот влегува во одлична форма и со речиси комплетен состав, што дополнително ја зголемува самодовербата во тимот. Енрике додаде дека токму завршницата од сезоната е период кога секој тренер сака неговиот тим да биде на врвно ниво.
Кога станува збор за статусот на клубот во Европа, тој беше воздржан, оставајќи им на медиумите да проценат дали ПСЖ е веќе европски гигант, но подвлече дека резултатите во последните години говорат сами за себе.
За ривалот, Енрике имаше само пофалби за Венсан Компани и неговиот тим, оценувајќи го Баерн како еден од најатрактивните состави поради офанзивниот стил.
„Ова се две од најдобрите екипи во Европа. Арсенал исто така има одлична сезона, но според нашите изданија – нема тим кој е подобар од нас“, порача Енрике.
Во меѓувреме, Реал Мадрид доби лоши вести и Килијан Мбапе ќе паузира поради повреда на мускулот на левата нога. Клубот не откри точен рок за неговото враќање, но шпанските медиуми најавуваат дека би можел да го пропушти и големото дерби против Барселона на 10 мај.
На пет кола до крајот на сезоната, Барселона има убедлива предност пред Реал и е на добар пат да ја одбрани шампионската титула.
