ЕДЕН БИЛЕТ ЗА ВОЗ И АВТОБУС Најавен интегриран јавен превоз во Скопје
Патниците во Скопје би можеле да користат еден билет за патување со воз и автобус, без дополнително плаќање при префрлање од еден на друг вид јавен превоз.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави воведување интегриран билет кој ќе овозможи полесно комбинирање на железничкиот и автобускиот превоз.
Според најавата, патниците нема да треба да купуваат посебен билет за секој вид превоз. Како пример, Ѓорѓиевски посочи дека граѓанин би можел со еден билет да патува од Зелениково до Ѓорче Петров, користејќи и воз и автобус.
„Да не се симнувате од воз, а сте платиле 40 денари, па да се качите во автобус и да платите уште 35 денари. Со еден билет да можеш да се качиш од Зелениково и да отидеш до Ѓорче Петров“, рече Ѓорѓиевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Интегрираниот систем треба да се реализира во соработка со Министерството за транспорт. Целта е да се олесни комбинирањето на различните видови јавен превоз, но и да се намалат трошоците за патниците кои во текот на едно патување користат и воз и автобус.
Според најавата, системот би требало да биде изработен и ставен во функција до средината на 2027 година.

