ЌЕ ОДЕКНЕ НЕБОТО НАД СКОПЈЕ 10 плотуни за 34 години Армија

Во касарната „Илинден“ ќе се одржи почесна артилериска стрелба, а свечености ќе има и во Штип.

ЌЕ ОДЕКНЕ НЕБОТО НАД СКОПЈЕ 10 плотуни за 34 години Армија
Фото: Принтскрин

Со повеќе свечености во Скопје и Штип денеска ќе бидат одбележани 34 години од формирањето на Армијата на Република Македонија.

Централното одбележување по повод 18 Август – Денот на Армијата ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје. Со почеток во 19 часот, артилерискиот баталјон ќе изврши почесна артилериска стрелба, при што ќе бидат испукани 10 плотуни од шест артилериски орудија. Претходно, во 18 часот, ќе биде извршена пробна стрелба со еден плотун.

Свеченост ќе се одржи и во касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде што е предвидена смотра на Вториот пешадиски баталјон и други армиски единици. На настанот ќе присуствуваат претставници на воениот врв, градоначалници од регионот, раководители на јавни институции и претставници на верските заедници.

Денот на Армијата се одбележува на 18 август, во спомен на 18 август 1943 година, кога на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата организирана воена формација на Народноослободителната војска.

Формирањето на современата македонска Армија започна во 1992 година, по потпишувањето на договорот меѓу тогашниот претседател Киро Глигоров и раководството на ЈНА за дислокација на федералната армија од земјата.

Денес, Армијата е дел од НАТО Алијансата, откако Северна Македонија стана полноправна членка во март 2020 година.

CATEGORIES
Share This