ЌЕ НАПОЛНЕШЕ 66 ГОДИНИ…Но судбината ѝ го прекина животот на една од најубавите југословенски актерки

дна од најголемите актерски ѕвезди на поранешна Југославија остави незаборавни улоги, но нејзиниот живот трагично заврши на само 40 години.

ЌЕ НАПОЛНЕШЕ 66 ГОДИНИ…Но судбината ѝ го прекина животот на една од најубавите југословенски актерки
Фото: Принтскрин

Да не беше суровата игра на судбината, една од најубавите актерки на поранешна Југославија денес ќе го прославеше својот 66-ти роденден. Но, Ена Беговиќ ја нема повеќе од две и пол децении и нејзиниот живот трагично заврши во несреќа, оставајќи зад себе голема актерска трага и спомени кај публиката. Јелена Ена Беговиќ е родена на 8 јули 1960 година во Трпањ, на полуостровот Пељешац. Детството го поминала во родниот крај, основното образование го завршила во Трпањ, а гимназијата во Дубровник.

Како млада студентка извесен период живеела во студентски дом. Оние што ја познавале ја опишувале како топла, дружељубива и искрена личност, но и како жена со силен карактер, храбра и импулсивна. Поради својот темперамент, во еден период морала да го напушти домот и да продолжи да живее како потстанар. По преселбата во Загреб, првично се запишала на Правниот факултет, но нејзиниот талент за глума бил препознаен од режисерот Лордан Зафрановиќ. Тој ја забележал во една студентска претстава и ја убедил да се запише на Академијата за драмски уметности во Загреб. Токму тој ѝ ја понудил и првата филмска улога во „Окупација во 26 слики“.

По дипломирањето, Ена очекувала филмот да биде нејзиниот главен пат, но театарот ѝ донел најголем успех и признание. Првата поголема филмска улога ја остварила во 1981 година во филмот „Падот на Италија“. Во својата кариера, која траеше од 1978 година до нејзината прерана смрт, Ена Беговиќ остави зад себе околу 100 улоги во театарот, филмот и телевизијата. Меѓу нејзините најпознати остварувања е улогата на бароницата Кастели во „Глембајеви“, за која во 1988 година ја освоила Златната арена за епизодна женска улога – награда која таа одлучила да не ја прими.

Тогашната одлука предизвикала големо внимание, бидејќи Ена сметала дека нејзиниот лик е главна, а не епизодна улога. Со тој став покажала колку сериозно гледала на својата професија. Освен по актерскиот талент, Ена Беговиќ остана запаметена и по својата впечатлива убавина. Беше сметана за една од најголемите југословенски актерски диви, а нејзината појава пленеше низ целиот регион. Нејзината последна година од животот беше исполнета со големи лични моменти. За само 55 дена се омажи за Јосип Радељак, ја роди ќерката Лана, го прослави својот 40-ти роденден, а потоа трагично го загуби животот.

Несреќата се случи на 15 август 2000 година на островот Брач. Ена патувала со сопругот Јосип Радељак, неговиот син Лео, нејзината мајка Тереза и малата ќерка Лана кон семејни пријатели. Џипот во кој се наоѓале излетал од патот и завршил во провалија. Од несреќата со повреди се спасиле мајката на Ена и малата Лана, но актерката не успеала да преживее. По трагедијата следеше долг судски процес кој траеше седум години. Лео Радељак беше ослободен од обвиненијата, а како причина за несреќата беше наведена техничка неисправност на возилото.

Нејзините блиски често раскажуваа дека Ена имала голем страв од возење и летање, особено по тешката сообраќајна несреќа во 1996 година, во која загина мотоциклист, а нејзина пријателка беше тешко повредена. За таа несреќа актерката беше осудена на условна казна. И покрај краткиот живот, Ена Беговиќ остави наследство кое и денес живее преку нејзините улоги. Нејзиниот талент, харизма и убавина останаа запаметени како симбол на една актерска ера која прерано ја загуби својата ѕвезда.

CATEGORIES
Share This