ДВЕ АМЕРИКАНСКИ ПОДМОРНИЦИ ТРГНАА КОН РУСИЈА – Реакција на провокациите на Медведев
Засега нема официјален одговор од Кремљ за најавеното распоредување на американски подморници.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку својата социјална мрежа Truth Social остро реагираше на последните изјави на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој сега ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација.
Во својата објава, Трамп истакна дека, како одговор на, како што ги нарече, „провокативните и неодговорни изјави“ на Медведев, наредил две нуклеарни подморници да бидат позиционирани во близина на руските територии.
„Врз основа на многу провокативните изјави на Медведев, наредив две нуклеарни подморници да бидат распоредени во соодветни региони. Ова е превентивна мерка, во случај неговите зборови да се повеќе од обична реторика. Зборовите имаат тежина и можат да доведат до сериозни последици. Се надевам дека овој случај нема да биде таков,“ напиша Трамп.
Оваа реакција следува неколку дена по неговата порака до Медведев, во која го предупреди да биде внимателен со своите изјави, откако Русија остро реагираше на можноста за нов пакет американски санкции, како и заканите со секундарни санкции кон земјите што соработуваат со Москва.
Дополнително, Трамп неодамна изјави дека ќе воведе царини за Русија доколку Кремљ не прифати прекин на огнот во Украина во рок од десет дена. Изјавата предизвика нова вербална конфронтација меѓу него и Медведев.
Медведев, преку своите канали на социјалните мрежи, му одговори на Трамп со предупредување:
„Трамп ја игра играта на ултиматуми – 50 дена, па 10 дена. Но, треба да запомни две работи: Русија не е Израел, па дури ни Иран и секој нов ултиматум е директна закана и чекор поблиску до војна,“ порача Медведев.
Засега нема официјален одговор од Кремљ за најавеното распоредување на американски подморници.


