ДУИ И ВРЕДИ СИ ЈА ПРЕФРЛААТ ВИНАТА ЗА АЛТА БАНКА – ВРЕДИ ја открива „третата алка“ во случајот Стопанска банка Битола
ВРЕДИ тврди дека на владината седница во јуни 2023 година, со која претседавал Артан Груби, била одобрена продажбата на државните акции во банката.

Политичката пресметка меѓу ВРЕДИ и ДУИ околу продажбата на Стопанска банка Битола добива ново продолжение. ВРЕДИ објави документи за кои тврди дека докажуваат оти Артан Груби лично ја потпишал одлуката со која била одобрена продажбата на државните акции во банката, додека ДУИ возврати дека актуелната власт ја отворила вратата за влез на српската „Алта банка“ на македонскиот пазар.
Од ВРЕДИ велат дека станува збор за трет и, како што го нарекуваат, крунски доказ во случајот со преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српскиот бизнисмен Давор Мацура. Како доказ, партијата ги објави записникот од 158. седница на Владата, одржана на 6 јуни 2023 година, и одлуката објавена во „Службен весник“ број 123 од 13 јуни истата година.
Според ВРЕДИ, на седницата претседавале тогашниот прв вицепремиер Артан Груби и премиерот Димитар Ковачевски, а присуствувале и тогашните министри Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши. Под точка пет од дневниот ред била разгледувана информацијата за продажба на акциите во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот, по што, според ВРЕДИ, под заклучок број шест била донесена одлука за давање согласност за продажба на државните акции во Стопанска банка АД Битола.
„Погледнете кој се потпишува на оваа одлука: во ‘Службен весник’ број 123, под Одлуката број 41-3733/8 за продажба на акциите на Стопанска банка АД Битола, стои лично потписот на Артан Груби“, велат од ВРЕДИ.
Од ВРЕДИ тврдат дека објавените документи се трет дел од сложувалката околу преземањето на банката, поврзувајќи ги владината одлука, купувањето акции преку компанијата „АС Сењак“ и кредитот од пет милиони евра од Белград.
Според нивните тврдења, сватот на Али Ахмети преку компанијата „АС Сењак“ купил пакет акции во Стопанска банка Битола, додека поврзана фирма добила кредит од пет милиони евра директно од белградската „Алта банка“. ВРЕДИ тврди дека на крајот и државните акции ставени на продажба со одлуката потпишана од Груби и приватните акции купени преку „АС Сењак“ завршиле во рацете на српскиот бизнисмен Давор Мацура.
„Кога ќе се спојат сите три дела од сложувалката, целата милионска операција на ДУИ излегува на виделина“, порачуваат од ВРЕДИ.
Партијата јавно ги праша Али Ахмети, Фатмир Бесими и Бујар Османи дали уште во јуни 2023 година постоел план банката да се подготви за преземање од страна на белградската „Алта банка“ и дали улогата на тогашните функционери била институционално да ги ослободат државните акции за продажба.
Од ДУИ ги отфрлија обвинувањата на ВРЕДИ, обвинувајќи ги функционерите на актуелната власт дека се обидуваат да ја префрлат одговорноста за влезот на „Алта банка“ на македонскиот пазар. Од партијата прашуваат како белградската банка влегла во Македонија за време на актуелната влада, доколку ДУИ била одговорна за нејзиното доаѓање, и како институциите раководени од сегашната власт ги одобриле потребните постапки.
ДУИ прави разлика меѓу продажбата на дел од акциите во 2023 година и подоцнежните одлуки за продажба на банката на „Алта банка“, оценувајќи дека обидот овие настани да се поврзат претставува манипулација со јавноста. Според ДУИ, во 2023 година не можело да се знае дека во 2025 година Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ќе донесе одлука за продажба на банката.
Во реакцијата, ДУИ повторно предупреди и на, како што ги нарекува, сомнителните врски на „Алта банка“ со концептот на „Српски свет“, поврзувајќи го ова прашање со присуството на Иван Стоилковиќ во Владата и политичките врски со Милорад Додик.
„Алта банка не ја донесе ветерот. Вие ѝ ја отворивте вратата! Алта банка е ваше дете и вашето дете не можете да го оставите пред туѓа врата“, порачуваат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека одговорноста за владините одлуки не може да се избегне со обвинувања кон други политички субјекти.

