КОЛКУ ПАРИ ЌЕ ВИ НЕДОСТИГААТ КОГА ЌЕ СЕ ПЕНЗИОНИРАТЕ Германците штедат 617, Швајцарците 1.084 евра месечно

ОЕЦД предупредува дека во 22 од 30 анализирани европски земји задолжителните пензиски системи не обезбедуваат пензија од 70 проценти од бруто-платата.

КОЛКУ ПАРИ ЌЕ ВИ НЕДОСТИГААТ КОГА ЌЕ СЕ ПЕНЗИОНИРАТЕ Германците штедат 617, Швајцарците 1.084 евра месечно
Фото: Принтскрин

Идните пензионери во Европа би можеле да се соочат со сериозен недостиг на приходи, бидејќи државните пензиски системи во голем број земји нема да обезбедат пензија во висина од 70 проценти од последната бруто-плата. Тоа значи дека граѓаните ќе мора дополнително да штедат за да си обезбедат достоинствен живот во староста.

Според истражување на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во 22 од 30 анализирани европски земји задолжителните пензиски системи не го достигнуваат посакуваното ниво од 70 проценти од заработката.

Најголем јаз е забележан во Литванија со 20,7 проценти, Ирска со 19,4 проценти, Полска со 17,3 проценти и Хрватска со 15,7 проценти. Значителни разлики има и во Германија, Швајцарија, Словенија и Естонија.

Колку е сериозен проблемот покажуваат и пресметките на ОЕЦД за дополнителното месечно штедење. Маж со просечна заработка во Швајцарија би требало да издвојува дополнителни 1.084 евра месечно, во Ирска 974 евра, на Исланд 716 евра, а во Германија 617 евра. Во Обединетото Кралство потребната заштеда се проценува на 494 евра месечно, во Полска на 360 евра, а во Франција на 238 евра.

Разликите произлегуваат од пензиските политики, висината на платите и уделот на државната пензија во поранешната заработка.

Иако Македонија не е опфатена во истражувањето на ОЕЦД, податоците на МАПАС покажуваат дека на крајот на октомври 2026 година во задолжителните пензиски фондови членувале 645.844 лица, со нето-средства од 218,31 милијарди денари, односно околу 3,5 милијарди евра. Тоа во просек изнесува околу 5.500 евра по член, иако индивидуалните износи значително се разликуваат во зависност од платата, возраста и работниот стаж.

Од друга страна, доброволното пензиско штедење останува слабо. Во третиот пензиски столб на крајот на октомври членувале 37.789 лица, со вкупни средства од 5,42 милијарди денари, односно околу 88 милиони евра. Важно е да се нагласи дека шесте проценти од бруто-платата што се издвојуваат во вториот пензиски столб се дел од задолжителниот пензиски придонес, а не дополнително доброволно штедење.

Според ОЕЦД, сегашните процени претпоставуваат дека пензиските правила ќе останат непроменети до пензионирањето на денешните вработени. Евентуалните реформи, вклучително и зголемувањето на старосната граница, можат да ја променат висината на идните пензии.

Пораката на експертите е јасна: државната пензија не треба да се смета за единствен извор на приходи во староста, но дополнителното штедење останува сериозен предизвик за граѓаните со пониски примања.

ГЕРМАНИЈА ОТВОРА НОВА ЕРА Државата ќе им штеди за пензија на децата уште од шест години

CATEGORIES
Share This