ДРЖАВАТА ГИ СОБРА ПАРИТЕ ОД КОНЦЕСИИТЕ Сумата за шест месеци ќе ве изненади

Над 573 милиони денари се наплатени во првата половина од годината, покажуваат податоците на Министерството.

ДРЖАВАТА ГИ СОБРА ПАРИТЕ ОД КОНЦЕСИИТЕ Сумата за шест месеци ќе ве изненади
Фото: Принтскрин

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини бележи зголемена наплата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, што, според институцијата, се должи на подобрениот систем на наплата и засилениот надзор врз исполнувањето на обврските од концесиските договори.

Во вториот квартал од 2026 година биле наплатени 299.461.897 денари, што е повеќе од истиот период лани, кога биле собрани 293.330.528 денари.

Уште поголема е разликата во споредба со вториот квартал од 2024 година. Тогаш по основ на концесиски надоместоци биле наплатени 136.204.491 денар, што значи дека годинашната наплата е повеќе од двојно повисока.

Во првите шест месеци од годинава, вкупната наплата достигнала 573.918.284 денари. За споредба, во истиот период во 2025 година биле наплатени 568.220.573 денари, додека во 2024 година приходите изнесувале 259.483.981 денар.

Од Министерството посочуваат дека растот е поврзан со мерките за подобрување на системот на концесиски надоместоци, вклучително и зголемувањето на надоместокот, како и со засиленото следење на обврските на концесионерите.

Институцијата најавува продолжување на редовните контроли и инспекциски надзори, со цел да се обезбеди почитување на концесиските договори, навремено плаќање на финансиските обврски и заштита на јавниот интерес при експлоатацијата на минералните суровини.

Контролите се насочени кон исполнувањето на договорните и законските обврски, како и проверка на податоците врз основа на кои се утврдуваат и наплатуваат концесиските надоместоци.

CATEGORIES
Share This