ДРАМАТИЧНА ПОБЕДА ВО ПОСЛЕДНАТА СЕКУНДА – Костески го однесе тимот до триумф над Романија
Со победата над Романија, тимот на Кирил Лазаров обезбеди статус на носител во плејофот за Светското првенство

Македонската ракометна репрезентација вечерва во Хернинг ја совлада Романија со 24-23 во драматичен натпревар. Со овој триумф, македонскиот тим обезбеди статус на носител во жрепката за плејофот за следното Светско првенство. За пласман во главната фаза на тековното Европско првенство, сепак, ќе мора да се чека исходот од завршниот натпревар во групата Б и да се надева на победа на Данска над Португалија со двоцифрена разлика.
Македонските ракометари од почетокот беа во водство, кое на полувреме достигна плус четири голови, а во неколку наврати и плус пет. Тимот на Кирил Лазаров започна силно, со ефикасен напад и цврста одбрана.
По воведното 3-0 во 5. минута, Костески постигна гол, но истиот беше поништен поради престап. Велкоски не реализираше во следниот напад, но капитенот Кузмановски го постигна почетното 4-0. Романците го постигнаа својот прв гол преку Станчук од пенал во 11. минута.
На средина на полувремето, Македонија имаше предност од 6-3, а на крајот на полувремето резултатот беше 12-8 по головите на Кузмановски и Пешевски.
По паузата, Митев постигна гол за водство од пет голови (13-8), но грешки во нападот на македонскиот тим дозволија Романците да се приближат на 15-12.
Во 46. минута, при резултат 19-17, Лазаров побара тајмаут за да го стабилизира тимот. Кузмановски реализираше седмерец за 20-17, а откако Аларов доби црвен картон, следуваа уште две исклучувања во македонските редови, што Романците го искористија за да израмнат на 22-22 во 57. минута.
Сепак, Кузмановски од седум метри го врати водството на Македонија (23-22). Романците израмнија на 23-23 на седум секунди до крајот, но Костески постигна погодок со звукот на сирената за конечни 24-23.

