ДРАМАТА ЦРНИЛА И УБИСТВОТО НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Софија ќе биде домаќин на настан за трагичните поделби во македонското револуционерно движење

Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 26 октомври организира книжевен настан посветен на драмското творештво на Коле Чашуле и неговото толкување на историските заблуди, идеолошките судири и трагичните последици од разединувањето.

ДРАМАТА ЦРНИЛА И УБИСТВОТО НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Софија ќе биде домаќин на настан за трагичните поделби во македонското револуционерно движење
Фото: Принтскрин

Убиството на Ѓорче Петров и трагичните внатрешни судири во македонското револуционерно движење ќе бидат во фокусот на настанот „Црнилата на себеубивањето“, кој на 26 октомври 2026 година, со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи во Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Настанот е посветен на книжевното толкување на едни од најтрагичните процеси во македонската политичка историја, со посебен акцент на драмата „Црнила“ од Коле Чашуле, во која историските настани стануваат повод за преиспитување на политичките заблуди, предавствата и последиците од внатрешните поделби.

„Црнила“ е дел од драмскиот циклус на Чашуле, заедно со делата „Суд“ и „Житолуб“, преку кои авторот обработува значајни моменти од македонската историја на почетокот на XX век.

Драмата „Суд“ се навраќа на настаните пред Смилевскиот конгрес во 1903 година и на процесите што оставиле тешки последици врз македонското револуционерно движење и Илинденското востание. „Житолуб“, пак, го тематизира периодот пред Балканските војни, кога Македонија се соочува со поделба меѓу соседните држави и продолжување на политичките судири и ликвидации.

Преку овие дела, Чашуле не ја претставува историјата само како низа настани, туку како простор за критичко преиспитување на идеалите, политичките одлуки и човечката цена на разединувањето.

Посебно место во творештвото на Коле Чашуле зазема врската меѓу литературата, македонскиот јазик и националниот идентитет. За него, пишувањето на македонски јазик претставува многу повеќе од книжевно творештво и тоа е чин на културно опстојување и борба за зачувување на историското паметење.

Неговата мисла „да пишуваш во Македонија значи да се бориш“ ја отсликува убеденоста дека литературата има важна улога во одбраната на јазичниот и националниот идентитет.

Со настанот „Црнилата на себеубивањето“, Македонскиот културно-информативен центар во Софија отвора простор за книжевно и историско преиспитување на трагичните моменти од македонското минато, чии последици продолжуваат да живеат во колективната меморија.

Делата на Чашуле потсетуваат дека историските трагедии не завршуваат со самиот чин, туку оставаат прашања за одговорноста, политичките идеали и цената на внатрешните поделби што секоја нова генерација повторно ги отвора.

CATEGORIES
Share This