ДПР ЈА ПОЗДРАВУВА АКЦИЈАТА НА МВР Секој денар наменет за Ромите мора да заврши кај Ромите

ДПР бара целосна проверка на сите програми за вработување на Ромите и одговорност за секој што ги злоупотребил јавните средства.

ДПР ЈА ПОЗДРАВУВА АКЦИЈАТА НА МВР Секој денар наменет за Ромите мора да заврши кај Ромите
Фото: ДПР

Демократската партија на Ромите ја поздравува акцијата на Министерството за внатрешни работи и поднесената кривична пријава против четири правни и пет физички лица од Пробиштип, поради сомнежи за злоупотреба на средствата од владината мерка наменета за вработување на невработени лица Роми. Особено загрижува фактот што, според наводите во кривичната пријава, постојат сомнежи дека средства наменети за припадници на ромската заедница биле доделувани за лица кои не биле Роми.

Демократската партија на Ромите смета дека, доколку наводите бидат потврдени, станува збор за сериозна злоупотреба на довербата и на мерка која е креирана со јасна цел – да обезбеди поддршка и подобри можности за вработување и економско зајакнување на ромската заедница. Како водечка политичка партија која ги застапува интересите на Ромите, ДПР јасно и недвосмислено порачува: секој денар наменет за Ромите мора да заврши кај Ромите, а не да биде злоупотребен за нечии лични, деловни или политички интереси.

Воедно, ДПР бара целосна проверка на сите програми и мерки за вработување наменети за Ромите, со цел да се утврди дали постоеле и други случаи во кои средствата не стигнале до оние за кои биле наменети. Ромската заедница не смее да биде искористувана како параван за нечии интереси. Средствата наменети за подобрување на животниот стандард, вработување и економско зајакнување на Ромите мора да се распределуваат транспарентно, законски и исклучиво според однапред утврдени критериуми.

ДПР секогаш ја поддржувала и ќе продолжи целосно да ја поддржува искрената и неселективна борба на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, против секој што евентуално ги злоупотребил средствата наменети за ромската заедница. Законот мора да важи еднакво за сите. Секој што ги злоупотребил средствата наменети за Ромите мора да понесе одговорност, без разлика на неговата функција, политичка припадност или институционална позиција.

CATEGORIES
Share This