ДОЛГОВИ ОД НАД 200 МИЛИОНИ ЕВРА УЈП ја објави новата листа на должници

Граѓаните и компаниите во земјава акумулирале вкупен долг од околу 202 милиони евра по основ на неплатени даноци, придонеси, царини и акцизи, покажуваат најновите податоци објавени од Управата за јавни приходи.
Најголемиот дел од обврските се однесува на даноци и придонеси, каде што за периодот од август до октомври годинава се евидентирани речиси 198 милиони евра долг. Дополнително, неплатените царински давачки изнесуваат околу 3,4 милиони евра.
На последната листа на должници се најдоа вкупно 6.137 субјекти, од кои 2.049 се правни лица, а 4.088 физички лица. Ова е за 96 повеќе во споредба со претходниот список, што укажува на раст на бројот на нередовни плаќачи.
УЈП јавно ги објавува оние должници кај кои долгот ја надминува законски утврдената граница – над 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност, односно над 300.000 денари за компании и други правни субјекти.
Како и во изминатите извештаи, и на овој список се појавуваат бројни државни и општински јавни претпријатија, но и приватни фирми кои подолг временски период не ги сервисираат своите обврски, вклучително и долгови кон граѓаните.


