ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ПАТНИЦИТЕ Бесплатен куфер и поголеми права при доцнење на летовите
Бесплатен рачен багаж, седење на родители покрај децата без дополнителни трошоци и компензации до 600 евра се дел од новите правила што ги подготвува Европската Унија.

Земјите членки на Европската Унија постигнаа договор за сеопфатна реформа на правата на патниците во авионскиот сообраќај, што претставува една од најголемите промени во секторот во последните години. Новите правила ќе донесат измени во однос на компензациите за доцнење и откажување летови, рачниот багаж, распределбата на седиштата и процедурите за поднесување барања.
Предлогот доби поддршка од мнозинството членки на ЕУ, а за негово конечно стапување во сила потребно е и одобрување од Европскиот парламент. Според најавите, новите правила би можеле да почнат да се применуваат во втората половина на 2027 година.
Една од најважните новини се однесува на багажот. Во основната цена на авиобилетот задолжително ќе бидат вклучени мала лична торба што може да се смести под седиштето и рачен куфер на тркала. Истовремено, патниците ќе имаат можност да се откажат од рачниот багаж и на тој начин да платат пониска цена за билетот.
Реформата предвидува и дополнителна заштита за семејствата и лицата со попреченост. Авиокомпаниите нема да смеат дополнително да наплаќаат за седење на родители покрај деца помлади од 14 години, ниту за лицата со попреченост и нивните придружници.
Во случај на доцнење од најмалку три часа или откажан лет, патниците ќе имаат право на надоместок во износ од 250 до 600 евра, зависно од должината на патувањето. За летови подолги од 3.500 километри ќе се исплаќаат 300 евра за доцнења меѓу три и четири часа, а 600 евра доколку доцнењето надмине четири часа или летот биде откажан.
Новите правила носат и поедноставени процедури за поднесување барања за обештетување, како и попрецизно дефинирани вонредни околности во кои авиокомпаниите нема да бидат обврзани да исплаќаат компензација. Техничките дефекти на авионите повеќе нема автоматски да се сметаат за оправдана причина за избегнување на исплата на отштета.


