ДО 15 ЈУНИ ИМАШ ШАНСА – Овој фестивал создаде легенди, дали ти си следниот
Млади и нови имиња добиваат сцена на фестивал што го следи целиот Балкан.

Традицијата продолжува и отворен е конкурсот за 33-тото издание на интернационалниот музички фестивал Охрид Фест – Охридски трубадури, еден од најпрепознатливите музички настани во регионот. Фестивалот ќе се одржи на 26 и 27 август 2026 година, а организаторите ги повикуваат сите креативци, изведувачи и автори да испратат нови композиции и да станат дел од сцената што со години создава музички приказни.
И оваа година акцентот е ставен на младите и новите имиња. Дебитантите добиваат можност да се претстават пред широка публика во рамките на двете фестивалски вечери како што се Фолк вечерта и Интернационалната поп вечер. Токму спојот на традицијата и модерниот звук е она што му дава препознатлив печат на фестивалот.
За учество, потребно е да се достават финално продуцирани композиции со времетраење до три и пол минути, на официјалната e-mail адреса на фестивалот (ohridskifestival@gmail.com), со јасна назнака за која вечер се аплицира. Крајниот рок за пријавување е 15 јуни 2026 година.
Но Охрид Фест – Охридски трубадури не е само фестивал и тоа е вистинска платформа за пробив. Настан што отвора врати кон регионална публика, следен од повеќе од 15 телевизии низ Балканот. За многумина, токму ова е пресвртната точка во кариерата.
Историјата го потврдува тоа. На истата сцена, во 1998 година, со песната „Усни на усни“ настапи Тоше Проески, започнувајќи пат што ќе го направи музичка легенда. Оттогаш, фестивалот останува место каде се раѓаат хитови и се создаваат нови ѕвезди.
Со децении, Охрид Фест – Охридски трубадури е симбол на квалитет, емоција и музичка страст и сцена на која секоја песна има шанса да стане незаборавна.


