ДИМИТРИЕВСКИ ПРЕД НОВ ПРЕДИЗВИК – Селта Виго цврсто заинтересирана да го ангажира голманот

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, би можел ова лето да ја смени средината, откако шпанскиот прволигаш Селта Виго покажал сериозен интерес за неговите услуги. Според информациите на новинарот Ектор Гомез, тимот од Виго активно бара засилувања на голманската позиција, а тренерот Клаудио Гиралдес го гледа Димитриевски како идеална опција за зголемување на конкуренцијата меѓу стативите.
Покрај Селта, интерес за нашиот чувар на мрежата покажале и Елче и Леванте, но засега ниту еден од овие клубови не доставил конкретна понуда. Во моментов, Димитриевски е дел од Валенсија, но незадоволството од статусот во клубот го мотивира да бара нова прилика каде ќе може да има поголема минутажа.
Се очекува Димитриевски да пронајде нов клуб до крајот на преодниот рок, а Селта Виго засега води во трката за неговиот потпис. Следните недели ќе бидат клучни за иднината на еден од најдобрите македонски фудбалери.


