ДЕН ПРЕД ИЗБОРИТЕ Денеска гласаат затворениците и болните

ДЕН ПРЕД ИЗБОРИТЕ Денеска гласаат затворениците и болните

Еден ден пред утрешното гласање за локалните избори во земјава, денеска гласаат затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица, како и штитениците во старските домови, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Според податоците, право на глас денеска остваруваат 2.162 затвореници и лица во домашен притвор, 8.851 болни и немоќни лица, како и 442 лица во старски домови.

Во КПД Идризово гласаат 938 затвореници, во затворот во Шуто Оризари – 391, во Штип – 237, во Прилеп – 119, а останатите се распределени во затворите низ државата. Дел од лицата во куќен притвор ќе гласаат во своите домови, под надзор на избирачки одбори.

Членови на избирачките одбори денеска ќе ги посетат и 8.851 болни и немоќни лица кои поднеле барање за гласање од дома. Вкупно биле поднесени 9.217 пријави, од кои 8.851 биле прифатени. Во старските домови ќе гласаат 442 лица, откако бројката се намали за осум поради затворањето на домот „Арија“, потврди ДИК.

Утре, 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, а четвртите на кои се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

Гласањето ќе се одвива на 3.474 избирачки места, за 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за општински совети, или вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 независни групи на избирачи. Најмногу кандидати за градоначалник има за Градот Скопје – 16.

Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 во земјата, а околу 112.000 се запишани во посебниот список на иселени лица. За локалните избори не се гласа во дијаспората, но граѓаните кои се вратија во земјата можат да го искористат своето изборно право.

CATEGORIES
Share This