ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ ЧИСТА КАКО СОЛЗА – Инспекцијата не најде ниту грам загадување
И покрај 1.700 контроли и стотици утврдени неправилности на други локации, во Усје ниту една

До 20 декември 2025 година, спроведени се вкупно 1.700 контролни проверки на квалитетот на амбиентниот воздух. Од нив, 839 биле рутински надзори, 532 вонредни, а 329 контролни инспекциски проверки.
При контролите биле утврдени 398 недоследности, за кои биле издадени исто толку решенија во рамки на инспекциските постапки. Дополнително, покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки.
Овие податоци ги соопшти директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на денешната прес-конференција во Владата. Таа нагласи дека Инспекторатот постапува согласно годишниот план за работа, одобрен од министерот за животна средина и просторно планирање.
Гиновска информираше дека во периодот од 1 ноември до денеска биле реализирани над 55 инспекциски надзори на територијата на целата држава, насочени кон индустриски капацитети кои влијаат врз квалитетот на воздухот преку емисии. Притоа, издадени се 20 решенија и три забрани за работа.
Во врска со правниот субјект „Титан Цементарница Усје“, директорката посочи дека во текот на 2025 година биле спроведени шест инспекциски надзори – два рутински и четири вонредни, извршени од различни државни инспектори. Последните две вонредни контроли биле реализирани на 18 ноември 2025 година во 22 часот, со учество на инспектор од Град Скопје, како и на 18 декември 2025 година со инспектор од општина Кисела Вода.
„При сите спроведени надзори не се утврдени никакви недоследности во работењето на овој правен субјект“, изјави Гиновска.
Таа најави дека инспекциските контроли ќе продолжат континуирано, а на секои 15 дена Инспекторатот доставува извештај до работната група формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, која го следи спроведувањето на Акцискиот план.
Според податоците од Регистарот на Управата за животна средина, во моментов околу 120 правни субјекти во државата поседуваат активна А-интегрирана дозвола, од кои околу 40 се наоѓаат на територијата на Град Скопје.
„Сите издадени дозволи се јавно објавени на интернет-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, што овозможува транспарентен увид во работењето на инсталациите, користените енергенси, обврските и фреквенцијата на мерењата. Инспекциската служба има пред сè превентивна, а во крајна линија и репресивна улога, додека мерењата и анализите ги вршат акредитирани лаборатории“, појасни Гиновска.
На заедничката прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека целта е јавноста редовно и транспарентно да биде информирана за активностите на институциите и за преземените мерки за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните.


