БРИТАНЦИТЕ НЕ САКААТ ДА ГИНАТ ЗА ТАТКОВИНАТА Речиси половина не би војувале
Анкета покажува дека само 36 отсто од испитаниците гледаат околности во кои би се бореле за Велика Британија, иако расте поддршката за поголеми воени трошоци.

Речиси половина од британските граѓани изјавиле дека не постојат околности во кои би се бореле за својата земја, иако мнозинството ја поддржува идејата за зголемување на трошоците за одбрана. Ова го покажува најновата анкета на „Ипсос“, објавена денеска, а ја пренесува британскиот „Телеграф“.
Подготвеноста на Британците да земат оружје во одбрана на земјата речиси и да не се променила од април 2025 година, и покрај повиците за „национален разговор“ за одбраната и зголемената загриженост поради безбедносните закани од земји како Русија, Кина и Иран.
Според резултатите од истражувањето, само 36 проценти од анкетираните изјавиле дека постојат околности во кои би се бореле за Велика Британија. Тоа е само еден процентен поен повеќе во споредба со минатата година, кога потврдно одговориле 35 проценти од испитаниците.
Резултатите укажуваат на разликата меѓу поддршката за поголеми вложувања во националната одбрана и личната подготвеност на граѓаните да учествуваат во вооружен конфликт.

