БОБАН ПОПОВСКИ ПОСТАВИ РЕКОРД – 37 гола во еден ракометен натпревар
Историски натпревар во младинската лига на македонскиот ракомет

Младиот ракометар Бобан Поповски вчера остави неизбришлив печат во македонскиот ракомет со својот спектакуларен настап. Крилото на Мулти Есенс постигна неверојатни 37 погодоци во натпреварот против Вардар Неготино во рамките на младинската лига, поставувајќи рекорд кој тешко ќе се повтори.
Скопскиот тим доминираше на теренот, славејќи со убедливи 86-14, резултат што исто така влегува во историјата на официјалните натпревари во македонскиот ракомет.
Поповски, кој настапува на крилната позиција, беше незапирлив цел натпревар, а неговата голгетерска вечер добива уште поголема вредност кога се знае дека бројка од 37 поени е ретка дури и во кошарка, камо ли во ракомет.
Уште по првото полувреме, кое домаќините го добија со убедливи 42-8, беше јасно дека ќе се случи нешто посебно. Во вториот дел разликата само продолжи да расте, достигнувајќи до конечните 86-14.


