БМВ НУДИ НАД 650.000 ЕВРА ЗА ДОБРОВОЛЕН ОТКАЗ Интересот толку голем што паднал интерниот портал
Германскиот автомобилски гигант планира укинување на 8.000 работни места и годишни заштеди од една милијарда евра. За дел од вработените се предвидени рекордни отпремнини, но по оданочувањето сумите се значително помали.

Германскиот автомобилски производител БМВ започна програма за доброволно напуштање на компанијата, нудејќи им на одредени вработени отпремнини што надминуваат неверојатни 650.000 евра. Понудата предизвикала огромен интерес, поради што интерниот портал за проверка на надоместоците привремено престанал да работи.
Според германскиот весник „Ханделсблат“, станува збор за исклучително високи отпремнини, дури и според стандардите на германската автомобилска индустрија. Сепак, овие износи не важат за сите вработени, туку за поединечни случаи, во зависност од висината на платата, работниот стаж и други критериуми.
Од БМВ не ги потврдиле конкретните суми, наведувајќи дека не коментираат индивидуални договори со своите вработени. Програмата започнала на 8 октомври, кога десетици илјади вработени добиле можност преку интерен портал да проверат колкав надомест би добиле доколку доброволно ја напуштат компанијата.
Интересот бил исклучително голем, а порталот привремено станал недостапен. Од БМВ потврдиле дека постои голем интерес за понудените услови, но не потврдиле дека токму масовниот пристап бил причината за техничките проблеми.
Според германските медиуми, компанијата само неколку дена по започнувањето на програмата привремено го запрела приемот на нови барања за да ги обработи веќе пристигнатите апликации. Засега не е познато кога повторно ќе биде овозможено пријавување.
Германскиот производител има намера до крајот на 2027 година да го намали бројот на вработени за околу 8.000 на глобално ниво. Програмата за доброволно заминување во Германија опфаќа приближно 40.000 вработени, главно во администрацијата, менаџментот, истражувањето и развојот. Работниците кои се директно ангажирани во производствените процеси не се опфатени со оваа програма.
Висината на отпремнината се пресметува врз основа на платата и годините поминати во компанијата, а дополнителни финансиски стимулации се предвидени за оние што ќе се согласат порано да го прекинат работниот однос. Според документите до кои дошол „Ханделсблат“, планираните датуми за заминување се 31 март и 31 октомври 2027 година.
На вработените им се нуди можност отпремнината да ја добијат еднократно или на рати, а под одредени услови дел од средствата да ги пренасочат во пензиски заштеди. Посебни погодности се предвидени за повозрасните вработени. Оние што до крајот на октомври 2027 година ќе наполнат 55 години, доколку ги исполнуваат дополнителните критериуми, ќе можат да задржат дел од бенефициите што им следуваат на пензионерите на БМВ.
Меѓу нив се и поповолните услови за купување нови и половни автомобили. Високите отпремнини на БМВ се издвојуваат и во споредба со конкурентите. Според „Ханделсблат“, „Фолксваген“ во претходни програми нудел до околу 405.000 евра, додека „Мерцедес-Бенц“ на одредени долгогодишни вработени на раководни позиции им понудил приближно 500.000 евра.
Иако понудените отпремнини изгледаат исклучително привлечни, вработените не го добиваат целиот износ бидејќи исплатите подлежат на оданочување. Според пресметките на германскиот весник „Минхнер Меркур“, вработен што ќе добие отпремнина од 650.000 евра, а нема други оданочливи приходи во годината на исплата, би можел да задржи приближно 420.700 евра по плаќањето на даноците. Доколку има дополнителни приходи, нето-износот може да биде значително помал, зависно од индивидуалните даночни околности.
Програмата за намалување на бројот на вработени е дел од пошироките мерки на БМВ за намалување на трошоците во услови на послаба продажба, намалена профитабилност и засилена конкуренција, особено на кинескиот пазар. Компанијата очекува дека од 2028 година овие мерки ќе донесуваат годишни заштеди од приближно една милијарда евра.
Со слични предизвици се соочуваат и другите германски автомобилски производители, меѓу кои „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“ и „Порше“. Намалената побарувачка, силната конкуренција од кинеските компании и високите трошоци за премин кон електрични возила продолжуваат да создаваат сериозен притисок врз германската автомобилска индустрија.

