БИНГО ЗА БРАТОТ НА ТРАЈКО СЛАВЕСКИ Од чувар до член на УО на М-НАВ и плата од 50.000 до 100.000 денари

Од работно место обезбедувач на имот до функција во институција задолжена за безбедноста на македонското небо - СДСМ обвини за партиско унапредување и непотизам

БИНГО ЗА БРАТОТ НА ТРАЈКО СЛАВЕСКИ Од чувар до член на УО на М-НАВ и плата од 50.000 до 100.000 денари
Фото: Принтскрин

СДСМ денеска обвини дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги претворила државните институции во „партиски фирми“ за вработување и унапредување на блиски лица и партиски кадри.

На прес-конференција, портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, како пример го посочи случајот со унапредувањето на Сашо Славески, брат на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во Акционерското друштво за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација – М-НАВ.

Според Кузеска, Славески од позиција „обезбедувач на имот“ бил унапреден на местото „помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS во Сектор за воздухопловна навигација“.

Од СДСМ тврдат дека унапредувањето било спроведено во март 2025 година и дека јавноста дознала за случајот откако членовите на Управниот одбор кои го донеле решението добиле кривична пријава.

„Со ова унапредување платата му била зголемена од околу 50.000 на околу 100.000 денари, а само во 14 месеци незаконски биле исплатени повеќе од 7.000 евра на товар на М-НАВ“, изјави Кузеска.

Таа оцени дека случајот покажува дека, според неа, во системот нема јасни критериуми и мерит-систем, туку дека пресуден фактор се партиските и семејните врски.

„Само во ВМРО човек кој работел како чувар во М-НАВ станува член на Управен одбор на институција задолжена за безбедноста на македонското небо“, рече Кузеска.

Од СДСМ упатија критики дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите и придонесуваат младите да ја напуштаат државата бидејќи, како што велат, знаењето и професионалноста не се доволно вреднувани.

Кузеска порача дека европските стандарди подразбираат владеење на правото, професионални институции и систем на напредување заснован на заслуги.

CATEGORIES
TAGS
Share This