БЕЗ ЗАДРЖУВАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ Но градежни работи на повеќе клучни делници
Возачите се предупредуваат на можни одрони и времен режим на сообраќај поради градежни активности.

Сообраќајот на сите државни патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури каде постои ризик од појава на одрони. Поголема претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, од 15 април за сообраќај е отворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица за сите возила со тежина до 3,5 тона.
На повеќе патни правци низ државата и понатаму се изведуваат градежни работи и санации, поради што е воведен времен режим на сообраќај. Работи се реализираат на делницата Гостивар – Стража, на мостовите кај Желино, на автопатот Смоквица – Гевгелија, на скопската обиколница, на патот Косоврасти – Мелнички Мост, како и на правецот Прилеп – Битола во рамки на изградбата на Коридорот 10Д.
Надлежните препорачуваат возачите да ги следат поставените сообраќајни знаци и да бидат особено внимателни во зоните каде се изведуваат градежни активности.


