БЕЗ ПРОЗОРЦИ, СО БЕТОНСКИ ЅИДОВИ И 24/7 ОБЕЗБЕДУВАЊЕ Погледнете што се крие во дата центарот кај Прилеп

Недалеку од Прилеп се наоѓа објект кој по својата намена, конструкција и степен на безбедност претставува еден од најсовремените центри за заштита и опоравување на податоци на Балканот.
Станува збор за ИКТ Центарот на Министерството за внатрешни работи, монументална и високообезбедена градба проектирана и изградена според современи безбедносни стандарди. Неговата задача е да обезбеди сигурно чување на податоците од примарниот информатички систем и нивно опоравување во случај на природни непогоди или катастрофи предизвикани од човечки фактор.
Целосната изградба и опремување на центарот, како и неговото ставање во целосна функционалност, чинеле околу 11,5 милиони евра. Објектот е прв од ваков тип во регионот изграден од државна институција.
Изграден според специфичен безбедносен концепт
ИКТ Центарот се наоѓа на околу два километри од Прилеп. Проектот е дело на „1Х2 Студио“ од Белград, предводено од архитектот, магистер Зоран Абадиќ. Центарот е проектиран со цел да ја заштити критичната информатичка инфраструктура од кражба, вандализам, пожари, земјотреси, тероризам, електрични дефекти, екстремни температури и други потенцијални закани.
Функционално, објектот е поделен на два главни дела. Централното јадро го сочинува серверската соба, додека околу него се протега кружен прстен во кој се сместени техничките простории и инсталации. Во овој дел се наоѓаат машинските, електричните и телекомуникациските системи, како и простории наменети за провајдерите. Другиот дел од објектот е предвиден за вработените – мрежни техничари, оператори, обезбедување и останатиот неопходен персонал.
Центарот функционира непрекинато, 24 часа дневно, седум дена во неделата, а пристапот е строго контролиран.
„Соба во соба“ за максимална заштита
Еден од најинтересните елементи е серверската просторија, која е конципирана како „соба во соба“, со што се обезбедува дополнително ниво на физичка заштита. Во објектот се инсталирани системи за сеопфатна заштита на серверите, мрежната опрема и комуникациските системи.
Самата конструкција е изградена од двојни масивни армиранобетонски ѕидови, исполнети со високо ефикасни изолациски материјали. Со тоа се обезбедува високо ниво на отпорност и заштита, особено во случај на пожар.
Особено внимание привлекува фактот што конструктивните површини на објектот, таванот, ѕидовите и покривот се изведени без отвори, што дополнително придонесува за неговата безбедност и контролираност.
Објект со ограничен пристап
Безбедносните мерки не завршуваат со самата конструкција. Објектот е дополнително ограден, опремен со 24-часовен видео надзор и обезбеден со вооружено физичко обезбедување. Пристапот е строго ограничен и дозволен само во рамки на официјални посети и за овластени лица.
Со својата инфраструктура, системите за заштита и специфичниот архитектонски концепт, ИКТ Центарот кај Прилеп е проектиран да обезбеди континуитет на критичните државни информатички системи дури и во услови на сериозни инциденти.
Според својата намена и техничко-безбедносни карактеристики, објектот е споредлив со современи вакви центри во западноевропските земји, а во регионални рамки претставува значаен чекор во заштитата на државната информатичка инфраструктура.

