БЕРЛИН ГО ПОВИКА РУСКИОТ АМБАСАДОР – Не ви се плашиме и нема да евкуираме наши граѓани од Украина
Тензии меѓу Берлин и Москва дополнително се продлабочуваат по новите изјави.

Германското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека го повикало рускиот амбасадор во земјата, поради, како што наведува, закани од Русија, напади врз цивилни објекти во Украина и повици германската амбасада да го напушти Киев.
Во објава на социјалната мрежа X, германското МНР истакна дека нападите врз болници, училишта и телевизиски студија, како и повиците за евакуација на нивната амбасада од Киев, покажуваат дека Русија се потпира на закани, терор и ескалација.
Берлин јасно му ставил до знаење на Москва дека Германија „нема да биде заплашена од закани“ и дека ќе продолжи со силна поддршка за Украина.
Од руското Министерство за надворешни работи претходно соопштија дека руската армија започнува систематски напади врз објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс, како и врз центри за донесување одлуки во Киев и командни пунктови.
Исто така, руската страна ги повика странските државјани, вклучително и дипломатскиот персонал, што е можно поскоро да го напуштат Киев и предупредија жителите да се држат подалеку од воени и административни објекти, пренесува РИА Новости.
Во соопштението се наведува и дека „последната капка“ што довела до одлуката за засилени напади е наводен украински напад врз Старобилск во самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР), при што, според тие тврдења, биле убиени над 20 лица, а повеќе од 40 биле ранети.
