БАВНО ТЕМПО НА ПРОЦЕСОТ ВО КОЧАНИ – Сведочења по еден дневно
Семејствата на жртвите реагираат дека процесот се одвива премногу бавно и без вистинска динамика.

Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 230 беа повредени, сè повеќе се одвива со забавено темпо, што предизвикува незадоволство кај семејствата на жртвите. Наместо интензивно сослушување на сведоци, рочиштата најчесто се сведуваат на еден или двајца сведоци дневно, а дел од повиканите воопшто не се појавуваат.
На денешното рочиште беше сослушан само еден сведок Теа Ѓоргиева. Останатите повикани не беа достапни, што дополнително ја одолговлечи постапката. Сè поретко на рочиштата присуствуваат и родителите и блиските на загинатите, кои реагираат дека процесот оди бавно и дека за секое доаѓање во Скопје сносат значителни трошоци, без да видат напредок во случајот.
Претходно, едно од рочиштата беше прекинато откако првообвинетиот Дејан Јованов, познат како „газда Деко“, побара медицинска интервенција. Иако лекарите од Брзата помош утврдиле дека може да го следи судењето, изгубени беа повеќе од деведесет минути.
Во своето сведочење, Ѓоргиева детално ја опиша атмосферата во дискотеката пред и за време на трагедијата. Таа се наоѓала на маса во непосредна близина на бината, каде што пиротехничките средства биле поставени многу блиску до гостите.
„Дури се пошегувавме дека може да ни ја запалат косата“, изјави таа, опишувајќи како почетокот на настанот не изгледал опасно.
Според нејзиниот исказ, пожарот на почетокот не бил сфатен сериозно. Искрите од сцената стигнале до таванот, но дел од присутните останале во просторот додека ситуацијата не се влошила и не настанал хаос при обидот за евакуација.
„Гужвата беше огромна, паднав и останав заглавена. Мирисот беше тежок и непријатен, а зад мене се слушаа експлозии“, сведочеше таа.
Спасот, како што наведе, го добила благодарение на член на обезбедувањето кој ѝ помогнал да излезе од гужвата. Дел од досегашните сведоштва укажуваат дека некои лица кои помогнале во евакуацијата не се меѓу обвинетите, додека дел од обвинетите обезбедувачи тврдат дека неправедно се товарат.
Сведочењето отвори и прашања поврзани со материјалите користени во објектот, како и за силниот мирис и течноста што капела од таванот, што според обвинението упатува на употреба на леснозапаливи и потенцијално токсични материјали. Дополнително, пренатрупаноста, продажбата на над 600 билети за ограничен простор и само еден излез се наведуваат како клучни фактори за трагедијата.
Следното рочиште се очекува да биде особено емотивно, бидејќи треба да се читаат обдукциските извештаи за жртвите, со кои ќе се утврдуваат точните причини за смртта.
