БАЧЕВ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА НАЦИОНАЛ Имаше тајни предавнички средби со ОНА во 2001 а на теренот се водеше војна
Бачев за „Национал“ открива детали за случувањата зад сцената во 2001 година и средбите кои, според него, се одржувале додека траеле вооружените конфликти.

По повод 25-годишнината од Рамковниот договор и различните толкувања за 2001 година што деновиве ги изнесуваат Али Ахмети, Владо Бучковски, Мендух Тачи и Љубчо Георгиевски, вклучително и тврдењата за поделба, федерализација и размена на население, „Национал“ побара изјава од претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.
Бачев во телефонска изјава за „Национал“ зборува за, како што тврди, „внатрешни предавства и политички сценарија“ кои, според него, довеле Македонија во 2001 година да биде „поразена и посрамена“.
„Tврдам дека Македонија излезе од таа војна посрамена и понижена поради внатрешните предавства и политичките сценарија. На самиот почеток, околу 400 до 500 лица се одметнаа во планините. Македонската служба за државна безбедност имала информации за нивниот број, локациите, вооруженоста и причините поради кои биле таму. Може да бидат решени доколку се реагираше уште во првиот момент“, вели Бачев.
Според него, главната одговорност за понатамошниот развој на настаните ја носат тогашните политички актери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.
„Главната вина ја гледам кај клучните политички актери, пред сè Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, кои, водени од желбата за власт, моќ и профит, преземаа дејствија кои на крајот доведоа до пораз“, тврди претседателот на Единствена Македонија.
Бачев потсетува на тајните средби во Гостивар за време на воените дејствија.
„Додека на теренот се водеше војна, во неколку наврати во Гостивар, во стан во сопственост на КРЦ – Контраразузнавачкиот центар при Министерството за одбрана, кој тогаш го раководеше Владо Бучковски се одржувале тајни средби меѓу оперативни тимови на СДСМ и ОНА. Станот, според информациите со кои располагам, бил секојдневно на располагање, а клучевите по налог на Бучковски ги имал армиски полковник-разузнавач“, вели Бачев.
Тој вели дека оперативниот тим на СДСМ го сочинувале покојниот Лазе Китановски, Зоран Верушевски и Миле Зечевиќ, додека тимот на ОНА, според него, бил предводен од Гзим Острени, а во него бил и Талат Џафери.
„Бучковски, како тогашен министер за одбрана одржувал врска со ОНА преку Марјан Ѓуровски кој сега ни го пордаваат за професор и експерт, кој бил во комуникација со Гзим Острени“, додава Бачев.
Тој посебно се осврнува и на движењето на македонските безбедносни сили за време на конфликтот.
„Борците на ОНА добро го знаеја движењето на македонските бранители и благовремено поставуваа мински заседи. Од тие заседи загина голем број македонски бранители. И ова е прашање кое заслужува сериозна истрага и одговори“, вели Бачев.
На крајот, тој најавува дека во друга прилика ќе зборува и за улогата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, за военото прифтерство и за клучните работи што не смееја да случат во македонските безбедносни органи за време кога Георгиевски е премиер.
„Посебна приказна е и Љубчо Георгиевски, но за тоа ќе зборувам во некоја друга прилика“, заклучува Бачев.

