Авторството е многу поважно од бројот на научните трудови – Анализа на научниот профил на еден редовен професор во пензија а воедно и министерка за образование и наука
Доколку се изедначи авторството со коавторството како што досега беше, тогаш имаме ситуација каде ќе се собере група од пет (5) автори, сите ќе напишат по еден труд, ќе направат 5 трудови и потоа сите тие петорица ќе бидат избрани во звање со истите 5 труда, што е всушност еден труд од автор

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Сабота, 24 јануари 2026 година
Во исчекување конечно да се објави во јавна расправа новиот Закон за високото образование (после кој знае колку најавувања, а потоа одложувања), единствените информации кои ги добиваме се повремените и паушални изјави на министерката Весна Јаневска, за тоа како ќе се врателе критериумите за избор во звање (па тие отсекогаш биле јасно наведени во Законот за високо образование (ЗВО), во членот 164), па потоа како ќе се зголемел бројот на научните трудови за избор во звање, но и нивната препознатливост, така што ќе се објавуваат во списанија со Импакт фактор (што е секако за поздрав), итн итн.
Со новиот ЗВО се предвидувало истакнува пензионираната министерка за образование и наука Јаневска, услов за добивање звање редовен професор ќе бидат да има шест научни труда, а на секои седум години ќе се врши реизбор. Ништо ново, тоа беше практикувано пред овој ЗВО донесен во 2018 година.
Но, она што не се споменува, а кое е клучно за развојот на науката и зголемување на видливоста на универзитетите е АВТОРСТВОТО! Не е исто на еден научен труд дали ќе бидеш прв автор или еден од коавторите!
Имено, првиот автор е вистинскиот автор на научниот труд, тој го пишува трудот, го поднесува до списанието, ги прави сите корекции побарани од рецензентите и за да се подготви и објави еден ваков труд потребна е работа од шест( 6) месеци до една година.
Доволно е да се погледне во законската регулатива на Република Словенија (не мора подалеку), па да се сфати дека за избор во звање исклучиво се ценат публикациите каде кандидатот е ПРВ АВТОР! Дали е тешко истото ова да се превземе и во нашиот ЗВО? НЕ! Па, ајде направете го министерке Јаневска! Вие треба да бидете пример!.
Доколку се изедначи АВТОРСТВОТО со КОАВТОРСТВОТО како што досега беше, тогаш имаме ситуација каде ќе се собере група од пет (5) автори, сите ќе напишат по еден труд, ќе направат 5 трудови и потоа сите тие петорица ќе бидат избрани во звање со истите 5 труда, што е всушност ЕДЕН ТРУД ОД АВТОР! Ова во реалноста е правило а не исклучок! Ова го говори моето искуство од инспекциските надзори по македонските факултети, ова практика и понатака си продолжува!.
Еве, да го земеме примерот на еден редовен професор во пензија, а моментално и актуелна Министерка за образование и наука.
Според достапната метрика на најпознатите светски научни бази, министерката Јаневска за целиот свој работен век (а се пензионирала како редовен професор) објавила вкупно 44 научни трудови, кои се објавени in extenso во реномирани списанија кои се цитираат на научната база Pubmed. Врз база на оваа бројка на трудови, таа има Хиршов индекс со број 12, која бројка не е импозантна, но зборува за континуирана научна активност.
Но!
Ако малку се проанализира опусот на научни трудови на редовната професорка во пензија, можете да заклучите дека таа сиот работен век напишала само четири (4) трудови in extenso и во реномирани списанија, од кои 4 трудови, само еден е објавен во списание со Импакт фактор од 0,9! (два труда се објавени во македонските Прилози и еден труд е објавен во српско списание).
Во продолжение, трудовите каде Весна Јаневска била прв автор:
Janevska V, Janevski V, Stankov O, Spasevska L, Kostadinova-Kunovska S, Zhivadinovik J. Non-Tumor Cystic Lesions of the Adrenal Gland. Pril (Makedon Akad Nauk Umet Odd Med Nauki). 2015;36(3):51-9. doi: 10.1515/prilozi-2015-0078. PMID: 27442396.
Janevska V, Shumkovski A, Nikolova D, Asani L, Pandilov S, Karanfilovski V. Late Onset of Pancreatic Metastases from Renal Cell Carcinoma. A Case Report. Pril (Makedon Akad Nauk Umet Odd Med Nauki). 2020 Sep 1;41(2):57-62. doi: 10.2478/prilozi-2020-0033. PMID: 33011696.
Janevska V, Qerimi A, Basheska N, Stojkova E, Janevski V, Jovanovic R, Zhivadinovik J, Spasevska L. Superficial leiomyomas of the gastrointestinal tract with interstitial cells of Cajal. Int J Clin Exp Pathol. 2015 Dec 1;8(12):15977-84. PMID: 26884872; PMCID: PMC4730085.
Janevska V, Spasevska L, Samardziski M, Nikodinovskai V, Zhivadinovik J, Trajkovskai E. FROM ANEURYSMAL BONE CYST TO TELANGIECTATIC OSTEOSARCOMA WITH METASTASIS IN INGUINAL LYMPH NODES – CASE REPORT. Med Pregl. 2015 Mar-Apr;68(3-4):127-32. doi: 10.2298/mpns1504127j. PMID: 26214993.
Но, како еден редовен професор во пензија, кој како прв автор се јавува на 4 научни трудови објавени in extenso, всушност фигурира како коавтор на вкупно 44 трудови?!
Како? Еве како:
Весна Јаневска се јавува како коавтор на трудовите објавени од страна на нејзиниот сопруг, како и во поново време, во трудови на нејзината ќерка! Па потоа, бидејќи била професор и ментор, се јавувала на трудовите на своите млади соработници.
И таа наша министерка, редовен професор во пензија, си дозволува да не прими на разговор научничка од државава која сама има напишано десетина такви трудови, повеќето објавени во врвни британски, американски и јапонски списанија со импакт фактор!!! Научничка која не само што објавува во наведените списанија, туку таа рецензира во истите списанија или народно кажано, таа одлучува кој труд треба да биде објавен а кој не и таа улога и е дадена од страна на уредниците на тие реномирани списанија.
Овој пример на редовната професорка во пензија, актуелна министерка, не е исклучок туку правило и да не ни биде земен за зло! Така се пензионираат и се пензионирале редовните професори во нашата држава! И затоа, никогаш, ама баш никогаш нема да бидат во можност да го препознаат вистинскиот труд на веќе и не толку младите македонски научници заглавени низ лавиринтите на македонското високо образование.
Во иднина ќе се потрудам да најдам и други “еминентни“ редовни професори како ги добиле наставно-научните звања редовни професори, кои напишале нула-зеро трудови со Импакт фактор. За исклучоците ќе има посебно пишување, а такви има но не се многу!.

