АСТОН ВИЛА ИЛИ ФРАЈБУРГ – Финале со неизвесност до последна секунда
Англискиот тим важи за фаворит, но Германците пристигнуваат без притисок.

Вечерва од 21:00 часот, на стадионот „Водафон Парк“ во Истанбул, ќе се одигра големото финале на Лигата на Европа помеѓу Фрајбург и Астон Вила, натпревар кој носи историска тежина за двата клуба, бидејќи ниту еден од нив досега не го освоил овој трофеј.
Англискиот тим влегува во финалето со улога на фаворит. Астон Вила од Бирмингем има богато европско наследство, со најголемиот успех во својата историја и освојувањето на Европскиот куп (денешната Лига на шампиони) во 1982 година, по што следуваше и трофејот во Суперкупот на УЕФА. Со седум титули во англиското првенство и исто толку ФА куп трофеи, Вила поседува искуство и победнички менталитет кој често е клучен во вакви натпревари. За нив ова е ретка можност по децении да додадат нов европски трофеј во своите витрини.
Од другата страна, Фрајбург ја живее најголемата европска приказна во својата историја. До оваа сезона, нивните најголеми успеси во Европа беа пласманите до осминафиналето во сезоните 2022/23 и 2023/24. И покрај ограниченото искуство на вакво ниво, тимот предводен од Јулијан Шустер покажа зрелост, дисциплина и квалитет во текот на целата сезона, со што заслужено стигна до финалето.
Голема предност за Астон Вила е нивниот тренер Унаи Емери, вистински специјалист за Лига Европа. Тој досега го има освоено трофејот четири пати, трипати со Севиља и еднаш со Виљареал што го прави еден од најуспешните тренери во историјата на натпреварувањето. Наспроти него стои Шустер, поранешен капитен на Фрајбург, кој како тренер успеа да внесе нова енергија и да го одведе тимот до историски успех.
Интересно е што двата тима никогаш претходно не се сретнале во официјален натпревар, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред финалето.
Сè укажува на вечер исполнета со тактика, емоции и неизвесност и останува да се види дали искуството на Емери ќе биде пресудно или Фрајбург ќе испише нова златна страница во својата историја.
