АРТЕФАКТИ ОД МАКЕДОНИЈА – Дел од изложбата „Атила“ во Будимпешта
На изложбата „Атила – Хоризонти на сеќавањето“ се претставени околу 400 артефакти од 13 земји, меѓу кои и доцноантички наоди од Македонија.

Во Унгарскиот национален музеј во Будимпешта е отворена меѓународната изложба „Атила – Хоризонти на сеќавањето“ (Attila. Horizons of Memory), во чии рамки се изложени и доцноантички артефакти пронајдени на територијата на Македонија. Поставката опфаќа околу 400 предмети од 64 музеи од 13 држави.
На свеченото отворање се обратија Балаш Ханко, министер за култура и иновации на Унгарија, Јанош Наѓ, државен секретар, д-р Габор Жигмонд, претседател на Центарот за јавни колекции на Унгарскиот национален музеј, како и Султан Раев, генерален секретар на ТУРКСОЈ. Настанот го следеа бројни шефови на дипломатски мисии, државни и заменик-државни секретари, директори на музеи, како и истакнати историчари и стручњаци од областа на културното наследство.
Меѓу специјалните гости беше и Тибор Капу, вториот унгарски истражувачки астронаут. На отворањето присуствуваа и претставници на Националниот археолошки музеј од Скопје, како и на Управата за заштита на културното наследство.
Во рамките на изложбата се претставени и наоди од богат доцноантички гроб откриен во селото Таранеш, во Дебарско, кои сведочат за културните и историските врски на регионот во времето на доцната антика.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 31 јули, по што изложените предмети ќе бидат вратени во матичните институции.

