АРХИВСКИТЕ ДОКУМЕНТИ – СТОЛБ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Македонија ја одбележува независноста во Загреб
Концерт на „Про Арс“ и изложба со автентични документи од македонската историја во Хрватскиот државен архив.

По повод 8 Септември Денот на независноста, во Загреб вечерва ќе се одржи свечен културен настан посветен на македонското историско и културно наследство.
Настанот, организиран од Државниот архив на Македонија во соработка со Хрватскиот државен архив, Амбасадата на Македонија во Хрватска и Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, ќе се одржи во просториите на Хрватскиот државен архив, со почеток во 19 часот.
Во рамки на програмата е предвиден концерт на професионалниот хор „Про Арс“, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.
Ќе биде отворена и изложбата „Архивските документи: столб на македонскиот идентитет“, која преку значајни архивски материјали го претставува историскиот континуитет, културното наследство и стремежот кон државност на македонскиот народ.
Посетителите ќе имаат можност да видат автентични документи поврзани со значајни настани и процеси од македонската историја, со цел пошироката хрватска и меѓународна јавност да се запознае со дел од македонското историско наследство.
Од Државниот архив посочуваат дека настанот ја истакнува улогата на архивската граѓа во зачувувањето на историската меморија, но и придонесува кон натамошно продлабочување на културната соработка и врските меѓу Македонија и Хрватска.

