APPLE И META ГО ОСПОРУВААТ БРИСЕЛ – Поднесени жалби за казните од 700 милиони евра

Технолошките гиганти Apple и Meta официјално поднесоа жалби против казните што им ги изрече Европската комисија, во вкупен износ од 700 милиони евра. Станува збор за првите сериозни санкции применети според новиот Закон за дигитални пазари, со кој Брисел се обидува да го ограничи влијанието на таканаречените „чувари на пристап“ – големи платформи што контролираат клучни сегменти од онлајн екосистемот.
Apple е казнета со 500 милиони евра, бидејќи, според ЕК, спречувала развивачи на апликации да ги информираат корисниците за поевтини опции надвор од App Store. Meta, пак, доби казна од 200 милиони евра поради својот модел „плати или прифати“, со кој корисниците немале реален избор околу тоа дали нивните лични податоци ќе бидат користени за персонализирани реклами.
Компаниите тврдат дека решенијата на Европската комисија се неосновани и непропорционални. Од Apple посочуваат дека одлуката „далеку го надминува она што законот го налага“ и оти наметнува конфузни услови кои се штетни и за развивачите и за корисниците. Компанијата наведува дека веќе презела чекори за усогласување и ќе ги изложи сите аргументи пред судот.
Слична е позицијата и на Meta, која смета дека нејзиниот модел е во согласност со европските правила за приватност, и дека корисниците добиваат јасен избор. Двете компании добија рок од 60 дена да ги спроведат бараните промени, во спротивно ќе се соочат со дополнителни дневни парични казни.
Овие случаи се клучен тест за новото европско законодавство кое има цел да донесе фер и конкурентна дигитална економија, но и да постави преседан во односите меѓу ЕУ и глобалните технолошки корпорации. Сите очи сега се вперени кон судот во Луксембург, каде ќе се одлучува за легитимноста и досегот на овие санкции.


