АНТЕ ПОПОВСКИ ВО ФОКУС Четиридневен филмски циклус по повод 95 години од раѓањето

Од документарци до играни филмови – целосен творечки пресек.

АНТЕ ПОПОВСКИ ВО ФОКУС Четиридневен филмски циклус по повод 95 години од раѓањето
Фото: Принтскрин

Од 3 до 6 јуни, во соработка со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, во Кинотеката на РС Македонија ќе се одржи филмски омаж посветен на академик Анте Поповски, по повод 95 години од неговото раѓање. Настанот ја истакнува неговата помалку позната, но значајна улога во филмската уметност како сценарист и продуцент.

Куратор на програмата е филмологот и советник во Кинотеката, вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, кој на отворањето ќе се обрати со воведен збор. Извадоци од есеистичкото творештво на Анте Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова Врчаковска.

Програмата започнува во среда, на 3 јуни, на роденденот на поетот, во 19 часот, со проекција на првиот македонски кандидат за „Оскар“ документарниот филм „Дае“ (1979) на Столе Попов, како и играниот филм „Планината на гневот“ (1968) на Љубиша Георгиевски. Двата филма се работени по сценарија на Анте Поповски.

Во четврток, на 4 јуни, во 19 часот, ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Поповски.

Во петок, на 5 јуни, во 20:30 часот, во летното кино на Кинотеката, на отворено, ќе се прикажат долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов. Во овие остварувања Анте Поповски се јавува како продуцент, односно тогашен директор на „Вардар филм“.

Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6 јуни во 19 часот, со проекција на портретите на лауреатите од „Струшките вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите во режија на Кирил Ценевски и по сценарија на Анте Поповски.

CATEGORIES
Share This