АЛАРМ ВО ГОСТИВАР Денеска официјално се прогласува епидемија, водата сè уште не е безбедна за пиење
Нагло се зголемува бројот на лица со симптоми на гастроентероколит, а здравствените власти апелираат граѓаните строго да ја почитуваат забраната за користење на водата за пиење додека траат анализите.

Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилено следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит во Гостивар. Поради наглиот пораст на заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан, а Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово во текот на денешниот ден ќе донесе одлука за прогласување епидемија, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.
Раководителот на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински, изјави дека се исполнети условите за формално прогласување на епидемија на подрачјето на Гостивар.
„Се бележи значително зголемување на бројот на заболени и е надминат прагот на неделно ниво. За официјално прогласување епидемија потребно е пријавите за заразната болест да бидат доставени до епидемиолошката служба. Денеска ќе биде донесена одлуката, што ќе овозможи подобра координација и комуникација меѓу сите надлежни институции“, изјави Кочински.
Тој упати апел до граѓаните да соработуваат со епидемиолошките тимови кои вршат анкети и целосно да ги почитуваат препораките на здравствените работници, особено во делот на давањето примероци за лабораториски испитувања. Од Институтот за јавно здравје повторно потсетија дека останува во сила препораката водата од водоводот да не се користи за пиење сè додека не завршат анализите и не биде укината забраната.
Според досегашните епидемиолошки истражувања, засега не е утврдена директна поврзаност меѓу заболените, освен фактот дека сите користеле вода за пиење – дел од водоводната мрежа, а дел флаширана вода.
„Во моментов немаме доволно индиции за просторно поврзување на случаите. Потребни се дополнителни анализи за да се утврди евентуалниот извор на заразата“, посочи Кочински.
Досега се земени 12 примероци од заболени пациенти. По барање на Основното јавно обвинителство, екипи на Институтот за јавно здравје излегле на терен и земале мостри од водата за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Стручните тимови работат на обработка на податоците и покрај викендот, а резултатите од испитувањата ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство веднаш по нивното финализирање.


