АЕРОДРОМИТЕ ВО РЕГИОНОТ ПОД УДАР – Летовите се намалуваат
Ревидирани планови ги менуваат летовите низ целиот регион

Аеродромите во главните градови на поранешна Југославија овој месец бележат промени во распоредите и капацитетите на летови, откако авиокомпаниите извршија ревизии поради тензиите на Блискиот Исток, растот на цените на горивата и можните ограничувања во снабдувањето.
Во однос на првичните априлски планови објавени од EX-YU Aviation News, повеќе аеродроми пријавуваат намалување на бројот на патници, иако дел од нив и понатаму бележат годишен раст.
Аеродромот во Белград е најголем во регионот со 897.733 седишта на редовни летови во април, што е за 36.995 помалку од првичниот план. Сепак, тоа претставува раст од 7,6% во споредба со истиот месец минатата година. „Ер Србија“ останува водечки превозник со 433.502 седишта, и покрај намалувањето од околу 20.000 во однос на првичниот распоред, а следуваат „Визер“, „Луфтханза“ и „Туркиш ерлајнс“.
Загребскиот аеродром има 549.720 седишта, што е пад од 10.332 во однос на првичните планови и намалување од 2,6% на годишно ниво. „Кроација ерлајнс“ е најголем превозник со 203.998 седишта, што сепак претставува раст од 5,4% во споредба со лани. По него следуваат „Рајанер“, „Луфтханза“ и „Туркиш ерлајнс“.
Скопскиот аеродром бележи 393.355 седишта, по намалување од 6.866 во ревидираните планови, но и натаму има силен раст од 32% на годишно ниво. „Визер“ останува најголем превозник со зголемување на капацитетот од 68%, а зад него се „Пегасус ерлајнс“ и „Туркиш ерлајнс“.
Од „ТАВ Македонија“ наведуваат дека засега не се очекуваат поголеми нарушувања во сообраќајот, бидејќи најголемиот дел од летовите од Скопје и Охрид се кон дестинации во Европа. Сепак, се истакнува дека ситуацијата се следи и е во тек комуникација со авиокомпаниите. Исто така, „Визер“ ја прекина линијата Скопје–Ларнака и ја префрли на сезонски летови поради намален интерес.
Приштина има 390.680 седишта, што е намалување од 7.345 во однос на планот, но и натаму раст од 2,6% на годишно ниво. Најголем удел има „Џи-пи авиејшн“, а потоа следуваат „Визер“, „Чаир ерлајнс“ и „Пегасус ерлајнс“.
Сараево бележи 223.574 седишта, што е пад од 6.820 во однос на првичните проекции и намалување од 5,1% споредено со 2025 година. „Рајанер“ останува најголем превозник, пред „Туркиш ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“.
Подгорица има 205.319 седишта, што е намалување од 2.505 во однос на планот, но и раст од 14,6% на годишно ниво. Најголем превозник е „Визер“, по кој следуваат „Рајанер“, „Ер Монтенегро“ и „Туркиш ерлајнс“.
Љубљана располага со 191.974 седишта, односно 11.196 помалку од првичните проекции, но со раст од 17% во споредба со минатата година. Најголем превозник е „Луфтханза“, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Свис“ и „Изиџет“.
