АДВОКАТОТ НА ПАЛЕВСКИ БАРА УКИНУВАЊЕ НА ПРЕСУДАТА – Постапката има над 50 суштински повреди

Адвокатот Јовица Страшевски наведува неусогласености меѓу исказите на сведоци, обвинети и судските утврдувања.

АДВОКАТОТ НА ПАЛЕВСКИ БАРА УКИНУВАЊЕ НА ПРЕСУДАТА – Постапката има над 50 суштински повреди
Фото: Принтскрин

Адвокатот на Љупчо Палевски – Палчо, Јовица Страшевски, побара Апелациониот суд да ја поништи првостепената пресуда за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и целиот предмет да се врати на повторно судење.

Страшевски наведе дека во жалбата се посочени бројни неусогласености меѓу исказите на сведоците, обвинетите и начинот на кој тие биле интерпретирани во пресудата.

Според него, дел од исказите се прикажани во поинаква светлина од она што било кажано во судницата, што, како што рече, доведува до различни толкувања на фактите.

Адвокатот истакна дека по поднесувањето на жалбата се појавиле и нови елементи, бидејќи рокот бил ограничен на 15 дена, а пресудата обемна.

Тој изрази очекување дека судот ќе дозволи дополнително образложување на жалбата од страна на одбраната.

Страшевски посочи и на, како што рече, контрадикторности во обвинението и пресудата, особено во однос на улогата на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.

Тој тврди дека не постојат докази што ја потврдуваат тезата дека таткото доставувал информации до Палевски.

Адвокатот наведе и дека постојат разлики во описот на движењето на Палевски на критичниот ден, особено во однос на тоа каде се наоѓал во различни временски моменти според обвинението и судските утврдувања.

Страшевски оцени дека Апелациониот суд треба да ја укине пресудата и случајот да се врати на почеток, со цел целосно утврдување на фактите.

Тој додаде дека, според одбраната, се наведени повеќе од 50 суштински процесни повреди и дека, како што рече, и една од нив да биде прифатена, пресудата треба да биде поништена.

CATEGORIES
TAGS
Share This