ЏАБЕ НЕ НАПАЃАТЕ, НИЕ СМЕ СТРУЧЊАЦИ И НЕЗАВИСНИ – Уставниот суд им возврати на партиите

Судот ги отфрли обвинувањата за политизација и порача дека нема да подлегне на притисоци, влијанија или обиди за дискредитација.

ЏАБЕ НЕ НАПАЃАТЕ, НИЕ СМЕ СТРУЧЊАЦИ И НЕЗАВИСНИ – Уставниот суд им возврати на партиите
Фото: Принтскрин

Уставниот суд остро реагира на, како што наведува, обидите за груба партизација и политизација на неговата работа од страна на одредени политички партии. Според Судот, неговите одлуки, меѓународните активности и институционалното дејствување се користат за дневнополитички цели и за стекнување партиски поени.

Во соопштението се истакнува дека меѓународната соработка претставува една од стратешките определби на Судот и е составен дел од неговото институционално функционирање. Во текот на оваа година, Уставниот суд потпишал три меморандуми за соработка и разбирање – со Уставниот суд на Косово, Врховниот уставен суд на Египет и, неодамна, со Уставниот суд на Србија. Дополнително, Судот годинава претседава со Балканскиот форум на уставни судови и ја претставува државата на значајни меѓународни настани.

Од Судот порачуваат дека ќе останат доследни на својата уставна надлежност и независност и нема да подлегнат на политички влијанија, притисоци или обиди за дискредитација. Воедно најавуваат дека ќе продолжат со јакнење на меѓународната соработка.

Во соопштението се упатува апел до политичките субјекти да покажат повисоко ниво на уставна и политичка култура и политичките несогласувања да не ги водат преку институциите задолжени за заштита на владеењето на правото и уставниот поредок.

„Независноста и кредибилитетот на Уставниот суд се вредности што треба да бидат заеднички интерес на сите општествени чинители“, наведуваат од Судот.

Оттаму оценуваат дека се недозволени и неосновани квалификациите дека одлуките на Уставниот суд се „неуставни“ или „незаконски“, потсетувајќи дека, согласно член 112 од Уставот, тие се конечни, извршни и задолжителни за сите.

Судот ги повикува политичките партии, наместо да повикуваат на протести насочени против владеењето на правото, да покажат вистинска посветеност кон европските вредности и интересите на граѓаните.

Воедно се нагласува дека за Уставниот суд не е важно како се именуваат улици, училишта или други инфраструктурни објекти, бидејќи тоа се политички одлуки. Единствено што Судот оценува е дали тие одлуки се донесени во согласност со законски пропишаната постапка.

Како пример за своето објективно и независно постапување, Судот ги посочува претходните одлуки поврзани со законитоста на постапката за преименување на улиците во Општина Чаир.

На крајот, Уставниот суд ги повикува сите политички чинители да покажат одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од ширење невистини и манипулации на сметка на институцијата која е чувар на Уставот и уставно-правниот поредок на државата.

CATEGORIES
Share This