„ПРИКАЗНАТА НА ЕЛЕКТРА“ ЗА КРАЈ НА „ОХРИДСКО ЛЕТО“ – Европска премиера на театарската претстава работена по текст на Сашо Димоски
Драмата е работена по текст на Сашо Димоски и во режија на Дејан Пројковски.

Јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворено со европската премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“. Драмата е работена по текст на Сашо Димоски и во режија на Дејан Пројковски, во копродукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ „Охридско лето“.
Претставата ја оживува античката митска приказна за Електра преку современ сценски јазик кој обединува визуелни слики, телесна експресија и минимален текст. Мотивите на одмазда, семејни конфликти и потребата од катарза се поставени како универзални етички прашања што ја надминуваат времето и просторот.
Овој проект е дел од плодната соработка меѓу Димоски и Пројковски, кои во последните години стојат зад наградувани продукции како „Инферно“, „Собирачи на пердуви“, „Демони“ и „Рацин“, препознаени од критиката и публиката и дома и во странство.
Во „Приказната на Електра“ настапуваат реномирани корејски актери: Ким Чоин (Електра/Ифигенија), Ким Сеонг-ми (Клитемнестра/Касандра), Чои Минхјук (Орест), Јанг Мин Ки (Агамемнон) и Ха Џин (Егист).
Финалната претстава од фестивалот ќе се одигра на Големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 21 часот.


