МЛАДИОТ ИТАЛИЈАНЕЦ СЕ СЕЛИ НА ЕНФИЛД – Ливерпул го комплетираше трансферот

Фудбалскиот клуб Ливерпул официјално го ангажираше 18-годишниот централен дефанзивец Џовани Леони од Парма. Младиот Италијанец денеска го помина лекарскиот преглед и во клубскиот тренинг-центар потпиша долгогодишен договор.
Леони доаѓа по импресивна сезона во Серија А, каде за Парма настапи на 17 натпревари и постигна еден гол. Минатата сезона беше на позајмица во Сампдорија, каде одигра 12 натпревари и исто така се запиша меѓу стрелците. Иако Парма само минатото лето го откупи неговиот договор, неговите настапи привлекоа интерес од Ливерпул, кој ја заврши трката за неговиот потпис.
„Сакам многу да напредувам со моите нови соиграчи, и на тренинзите и на натпреварите, во Премиер лигата и Лигата на шампионите“, изјави дефанзивецот.
Со овој трансфер, Ливерпул добива млад и перспективен стопер, кој треба да ја засили конкуренцијата во одбраната и да биде дел од иднината на клубот.


