ВТОР ДЕН АНТИВЛАДИНИ ПРОТЕСТИ ВО СРБИЈА – повредени 42 полицајци, приведени 37 лица
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата користела хемиски средства за одбрана и дека некои полицајци се тешко повредени.

На синоќешните протести во повеќе градови во Србија беа повредени 42 полицајци (26 во Белград, седум во Ваљево, девет во Панчево), а приведени се 37 лица, меѓу кои и 23-годишен хрватски државјанин. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата користела хемиски средства за одбрана и дека некои полицајци се тешко повредени.
Протестите, организирани од студентите под слоганот „Вечерва пукате по шевовите“, беа проследени со судири, демолирање на простории на Српската напредна странка (СНС) во Нови Сад и употреба на солзавец од полицијата. Во Белград дојде до фрлање пиротехника меѓу демонстрантите и поддржувачите на СНС, а жандармеријата интервенираше за да ги растера.
Пратеникот Пеѓа Митровиќ тврди дека бил претепан од група маскирани лица, а претседателот Александар Вучиќ најави поефикасна борба против „насилници“ и реформи во полицијата и обвинителството.
Српскиот патријарх Порфириј повика на прекин на насилството и зачувување на мирот. Седум известувачи на ОН минатата недела ја повикаа српската влада да ја прекине репресијата врз студентите и критичките гласови, изразувајќи загриженост дека земјата може да се движи кон произволен систем кој го ограничува правото на слободно изразување.


