ДОНАРУМА НА ЧЕКОР ДО СИТИ – ПСЖ бара 50 милиони евра

Еден од најдобрите голмани во светот, Италијанецот Џанлуиџи Донарума (26), чиј договор со Пари Сен-Жермен истекува за 11 месеци, е пред трансфер во Манчестер Сити.
Според информациите на францускиот „Лекип“, Донарума веќе ги договорил личните услови со „граѓаните“, вклучувајќи ја и годишната плата. Раководството на ПСЖ бара обештетување од 50 милиони евра, а последниот чекор е двата клуба да постигнат договор за сумата.
Донарума пристигна во Париз во 2021 година од Милан како слободен играч, без обештетување. Во изминатите сезони се наметна како еден од најсигурните голмани во Европа, па одлуката на управата на ПСЖ да се раздели со него предизвика изненадување меѓу навивачите.
Клубот веќе го обезбеди неговиот наследник – Лукас Шевалие од Лил, за кого ќе плати 55 милиони евра, вклучувајќи бонуси.
Индикација дека трансферот е блиску е и фактот што ПСЖ го објави списокот на играчи за финалето на Суперкупот на УЕФА против Тотенхем, а Донарума не е во тимот. И покрај тоа што минатата сезона беше еден од клучните играчи во освојувањето на првиот трофеј во Лигата на шампионите, италијанскиот голман е отстранет од составот и нема да патува за натпреварот.


