РАЗРЕШУВАЊЕ, ПРЕТРЕС И РАСПИТ – Турбуленции во демирхисарската гимназија
Адвокатот најави дека по разговорот ќе побараат полициска придружба за увид во училиштето, бидејќи постојат информации дека некој провалил во училишните простории пред претресот во домот на Лозановска.

Директорката на гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, утринава во придружба на адвокатот Жаре Стеваноски се јави во локалната полициска станица на информативен разговор.
Адвокатот најави дека по разговорот ќе побараат полициска придружба за увид во училиштето, бидејќи постојат информации дека некој провалил во училишните простории пред претресот во домот на Лозановска.
На 8 август вечерта полицијата изврши претрес во нејзиниот дом барајќи го печатот од училиштето. Во тој момент Лозановска беше на боледување. Иако имаше налог само за претрес, а не за приведување, полицискиот началник изјави дека „и на носилки“ ќе ја донесе на разговор.
МВР потврди дека против началникот е покрената дисциплинска постапка и му се предвидува разрешување. Од таму велат дека против директорката имало пријава и постоеле основи на сомневање за кривично дело – одземање печат и службени документи.
Четири дена пред тоа, градоначалникот ја разреши Лозановска по налог на Просветниот инспекторат поради неправилности во работењето. Според адвокатот, вистинската цел била да се постави нова в.д. директорка која ќе овозможи три вработувања пред распишувањето на локалните избори.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври.


