КРВАТА ПРЕСМЕТКА ВО ТЕТОВО -Едно лице загина, четворица тешко повредени, меѓу нив и 12 годишно дете

Четворица лица со тешки телесни повреди се пренесени на скопските хируршки клиники по вооружена престрелка што денеска напладне се случи на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово.
Министерството за здравство информира дека на КАРИЛ е примен 32-годишен маж со прострелна рана во предел на граден кош, оценета како тешка телесна повреда. На Детска хирургија е згрижено 12-годишно девојче со прострелна рана во десната натколеница. На Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во градниот кош, а на Трауматологија 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница.
Сите повредени се под постојан лекарски надзор.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека престрелката се случила во 12:30 часот, кога дошло до вооружена пресметка меѓу лица од две возила. По пукањето, двете возила го напуштиле местото на настанот – едното кон улица 113, а другото во непознат правец.
Според полицијата и сведоци, едното возило било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, одјавени и во сопственост на 19-годишен жител на село Гајре. На местото на инцидентот било пронајдено друго возило – „Фолксваген Голф“ во сопственост на 46-годишен тетовец, во кое имало починато лице со прострелни рани.
Истражните органи работат на целосно расветлување на мотивите и околностите околу вооружената пресметка.


