ПЛАТИЛЕ СТАНОВИ А ДОБИЛЕ ШУТ И ПРАШИНА Нов скандал со инвеститор во Капиштец

Тенденциозна злоупотреба на уплатените пари на сопствениците, коишто Инвеститорот ги користи за отпочнување на изградба на други објекти

ПЛАТИЛЕ СТАНОВИ А ДОБИЛЕ ШУТ И ПРАШИНА Нов скандал со инвеститор во Капиштец

Ние, сопствениците на купени станови во изградба на улица Козара 21, Капиштец, Скопје, реагираме поради двегодишното доцнење со изградба на зградата којашто според договорите коишто ги потпишавме требаше да биде предадена во мај 2023г.

По сите наши реакции, од страна на инвеститорот „Нов Дом Инвест” (сопственици: Ален Матх, Катерина Павловска , Исмет Османи и Бесим Османи), добиваме само изговори и лажни ветувања – последното е дека зградата ќе биде готова во јули оваа година, но според динамиката на работните активности (инаку, повремено доаѓаат по еден-двајца работници коишто завршуваат незначителни работи, со цел да се остави впечаток дека работите не се целосно запрени), нема изгледи дека зградата ќе биде готова како што е ветено.

Изговорот на инвеститорот за доцнењето со изградба на зградата е дека има недостиг од работна сила на пазарот, аргумент што нема основа од причина што, во меѓувреме Инвеститорот почна со изградба на други две згради во Дебар Маало и ги заврши пред рокот на предвиденото предавање на зградата на ул. Козара бр. 21.

Вистината со доцнењето со изградбата на зградата се должи на:

– Тенденциозна злоупотреба на уплатените пари на сопствениците, коишто Инвеститорот ги користи за отпочнување на изградба на други објекти

– Намерата на Инвеститорот да манипулира со трпението на сопствениците од причина што, од моментот кога становите се купени, цената по квадрат на становите значително се покачи, а со цел сопствениците да се откажат од становите и да им бидат вратени парите по пониска цена од актуелната вредност.

Од друга страна, законската регулатива не ги штити граѓаните од овој вид злоупотреби на инвеститорите, уште повеќе, со измените во Законот за градење, истата ја поттикнува, продолжувајќи го рокот за изградба на објекти од втора категорија (станбени згради), од 6 на 10 години, изедначувајќи го со изградбата на инфраструктурни објекти од прва категорија.

Ова не е изолиран случај, бидејќи имаме сознанија и за многу други случаи на доцнење со изградба и непридржување на договорените рокови, не само од „Нов Дом Инвест”, туку и од други инвеститори, при што се манипулираат граѓаните и се злоупотребуваат нивните пари.

 Бараме надлежните институции:

да преземат присилни мерки за итно завршување на зградата и

да стават крај на градежната мафија и да ја изменат законската регулатива во поголема заштита на правата на граѓаните од ваков вид на манипулации и злоупотреба на нивните пари.

 Благодариме, Станарите на ул. Козара бр. 21, Скопје

CATEGORIES
TAGS
Share This