БАРСЕЛОНА СЕ ВРАЌА НА КАМП НОУ – Првите натпревари ќе ги одигра во септември

Фудбалскиот клуб Барселона планира да ги одигра натпреварите од Ла Лига против Валенсија и Хетафе на легендарниот „Камп Ноу“, објави шпанскиот спортски весник „Marca“. Каталонскиот гигант веќе аплицирал за да биде домаќин на овие натпревари на 14 и 21 септември.
Тоа би биле првите натпревари на „Камп Ноу“ по пауза од повеќе од една година, откако стадионот беше затворен за реконструкција во летото 2023 година. Од тогаш, Барселона ги играше домашните натпревари на Олимпискиот стадион „Луис Компањс“.
Иако клубот се враќа на својот дом, посетеноста ќе биде ограничена. За двата септемвриски меча ќе биде дозволено присуство на максимум 30.000 гледачи. Барселона планира постепено да го зголемува капацитетот – најпрво на 45.000, а потоа и на 60.000 гледачи, во зависност од текот на градежните активности и безбедносните процени.
Враќањето на „Камп Ноу“ се смета за важен симболичен момент за клубот и за навивачите, кои со нетрпение го очекуваат новото лице на легендарната арена.


