ФЕРСТАПЕН ЈА ПОТВРДИ СВОЈАТА ИДНИНА И следната сезона останува во Ред Бул

ФЕРСТАПЕН ЈА ПОТВРДИ СВОЈАТА ИДНИНА И следната сезона останува во Ред Бул

Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, и официјално ја потврди својата одлука да остане дел од тимот на Ред Бул и во наредната сезона.

Изминатиов период кружеа бројни шпекулации дека холандскиот возач би можел да премине во редовите на Мерцедес, но Ферстапен категорично ги демантираше тие информации пред трката на Хунгароринг.

„Луѓето секогаш зборуваат и создаваат шпекулации, а единствениот кој треба да зборува, но до сега не зборуваше – сум јас. За мене ситуацијата секогаш беше јасна, па така и сега. Веќе ги договарам плановите со тимот за следната сезона, што јасно значи дека останувам во Ред Бул“, изјави Ферстапен.

Гласините за негов трансфер во Мерцедес се интензивираа откако медиумите објавија дека тој бил на заеднички одмор на Сардинија со шефот на тимот на Мерцедес, Тото Волф.

„Ако мојата јахта случајно е до јахтата на Тото, тоа не значи ништо посебно. Можно е да имате добри лични односи без притоа да имате деловна поврзаност“, додаде Ферстапен.

Минатиот викенд на патеката Спа Франкошамп тој заврши како четврти, а моментално се наоѓа на третото место во генералниот поредок, со 81 бод помалку од лидерот Оскар Пијастри и 65 бодови зад второпласираниот Ландо Норис.

CATEGORIES
Share This