ССМ БАРА ПРИСТОЈНИ УСЛОВИ – Минимална плата од 500 евра
Тој нагласи дека синдикалната минимална кошничка е единствениот статистички показател што реално го прикажува животниот стандард во земјата.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, порача дека граѓаните не треба да добиваат насоки што да јадат и пијат, туку да им се овозможат пристојни услови за живот и повисоки плати. Коментарот доаѓа во пресрет на утрешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), каде што ќе биде презентирана просечната потрошувачка кошничка.
„Никој не смее да се осмели да им диктира на граѓаните што им е потребно. Не сме во време на комунизам, кога и тогаш никој не се дрзнуваше да каже што, кога и колку треба да се јаде или пие. Денешните обиди се сосема погрешен чекор“, истакна Трендафилов на прес-конференција.
Тој ја критикуваше Владата за нападите врз синдикалната минимална кошничка и иронично предложи таа да изготви „владина кошничка“ и да го отвори „владиното бифе како работничка менза“.
„Ако им смета синдикалната кошничка, нека креираат своја. Но, тогаш ќе треба да објаснат како просечното македонско семејство да преживее со мизерни примања. Ние како синдикат не кажуваме што треба да се купува, туку покажуваме дека со сегашните приходи не се преживува“, рече Трендафилов.
Тој нагласи дека синдикалната минимална кошничка е единствениот статистички показател што реално го прикажува животниот стандард во земјата.
„Кошничката покажува дали просечниот граѓанин може да си дозволи основни прехранбени производи и основни животни трошоци. Наместо да се фокусираат на напади врз методологијата, институциите треба да ги зголемат платите. Тогаш нема да има потреба од кошнички ниту од вакви пресметки“, додаде Трендафилов.
На крајот, информираше дека ССМ го добил решението за репрезентативност и дека на утрешната седница на ЕСС ќе бара зголемување на минималната плата на 500 евра, како и дополнителни 6.000 денари за сите други плати.


