ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавена книгата раскази „Тивки куќи“ од младиот хрватски автор Горан Гламузина
„Тивки куќи“ беше финалист за наградата „Едо Будиша“ за најдобра книга раскази.

„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата раскази „Тивки куќи“ на хрватскиот автор Горан Гламузина, во превод од хрватски на македонски јазик на Владимир Илиевски.
Горан Гламузина (1995) дипломирал компаративна книжевност и англистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува кратки раскази и поезија и објавува во повеќе списанија и портали. Покрај пишувањето, се занимава и со преведување и уредување книги.
„Тивки куќи“ се состои од шест раскази и е прва негова книга. За кратко време по објавувањето книгата доби големо внимание во хрватските медиуми. Во хрватските медиуми беа објавени неколку критички текстови, како и неколку рецензии, препораки, интервјуа… Општата оценка во овие рецензии е дека во хрватската литература се појавува нов талентиран и перспективен млад раскажувач.
Во насловот на книгата е содржана е носечката метафора на ова дело. „Тивки куќи“ не се тивки затоа што во нив владее мир и спокој, туку затоа што се молчи за најважните нешта. Во ова исклучително зрело дело, деконструирајќи го традиционалниот идеалистички концепт на семејството и прикажувајќи ги односите како комплицирани констелации каде блискоста и отуѓувањето одат рака под рака, авторот суптилно и многу вешто го предизвикува читателот на длабоко слушање на таа тивкост во која пулсираат семејните трауми, напнатоста, меланхолијата и болката кои ликовите ги носат како свој товар или пораз.
Во своите раскази, тој успева да навлезе во психолошките длабочини на своите ликови и да истражи различни перспективи за животот. Пишувањето, во неговиот случај, не е само интелектуален чин, туку процес на самоосознавање, додека ликовите во расказите ја одразуваат неговата желба да ги истражува свеста на другите луѓе без страв од разоткривање на личните несигурности. Иако темите што ги опфаќа се предизвикувачки, отвореноста на неговите тивки куќи укажува и на темнината во самите индивидуи. Но иако станува збор за раскази, кои и не се во толку куса форма, Горан Гламузина успева да ги профилира ликовите, кои во секој расказ се наоѓаат во различни ситуации, односно во различни тематски подрачја, и секој лик е многу различен од ликовите во другите раскази.
„Тивки куќи“ беше финалист за наградата „Едо Будиша“ за најдобра книга раскази.


