СИНДИКАТОТ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ИЗВОЈУВА ПОБЕДА – Утврдена неправда од Министерството за одбрана

Како синдикат секогаш ќе се бориме за подобри права за сите работници во Армијата со цел еднаквост и социјална и економска сигурност за секој припадник на Армијата.

СИНДИКАТОТ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ ИЗВОЈУВА ПОБЕДА – Утврдена неправда од Министерството за одбрана
Фото: НСПВ

Почитувани медиуми,

Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје Ве известува дека од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е добиено Mислење за утврдена ИНДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА од страна на Министерството за одбрана кон сите професионални војници на служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Јас Александар Насковски како претседател на синдикатот и професионален војник поднесов претставка на 12.11.2024 година до КСЗД за утврдување на дискриминација , бидејќи Министерството за одбрана не им го трансформира работниот однос од определено на неопределено време на професионалните војници согласно член 46 од Законот за работни односи. Професионалните војници се единствените работници во државата што работат и по 25 години на определено време со продолжување на договори и по 7-8 пати во тој временски период и без можност на право од работен однос – пензионирање.

Потребата за поднесување на ваква претставка до Комисијата е игнорирањето на нашите предлози од сите министри за одбрана кога се во прашање правата на професионалните војници. Затоа како еден од четирите синдикати во Армијата сме единствени во борбата за подобри права и еднаквост на работниците во Армијата.

Ова претставува голема победа за професионалните војници и синдикатот, иако јавноста знае дека во изминативе 2 до 3 години имавме невидени и безброј опструкции од страна на одредена структура која несакаше да функционираме и да постоиме како синдикат, но упорноста, волјата и желбата за правда и нашата цел за еднакви права успеа да не одржи на патот на остварување на нашата цел и потврдување на легитимноста на нашите  барања.

Како синдикат до Собранието на РСМ и до сите пратеници и пратенички групи на 03 јуни 2025 доставивме Предлог закон за измена и дополнување на Законот за служба во Армијата на РСМ со кој се решаваат децениските проблеми на професионалните војници и се решава статусот на професионалните војници, и со негово донесување од страна на пратениците ќе се испочитуваат и препораките на Комисијата која ја утврди индиректната дискиминација врз професионалните војници.

Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје се надева дека Министерството за одбрана ќе ги испочитува препораките на Комисијата и исто така и пратениците ќе го предложат овој закон со што ќе се исправи децениската неправда кон професионалните војници и ќе се заштедат огромни финансиски средства во буџетот на министерството за одбрана со донесување на овие измена и дополнувања на Законот за служба во Армијата.

Како синдикат секогаш ќе се бориме за подобри права за сите работници во Армијата со цел еднаквост и социјална и економска сигурност за секој припадник на Армијата.

Припадниците на Армијата и професионалните војници се секогаш присутни на помош на државата и во војна и во мир, во пандемии и елементарни непогоди.

Секогаш и секаде , затоа ја заслужуваат почитта од државата и од сите граѓани.

Со почит,

Претседател на Независен синдикат на Професионални војници СО Скопје

 Александар Насковски

Синдикат АРМ,

CATEGORIES
TAGS
Share This